Спасовски: Изборниот процес сега е одговорност и на опозицијата

од Aleksandar Todeski
382 прегледи

Предлогот за состав на оваа влада е резултат на договорените предвремени парламентарни избори. Ова е време во кое е потребно да се организираат фер и демократски избори. Затоа честа да се предводи владата во овој период за мене е чест, но и предизвик да се даде максимум за развојот на Северна Македонија, рече мандаторот за техничката влада, Оливер Спасовски.

Фото: Борче Поповски

„Реформите на МВР, УБК, формирањето на ОТА гарантираат безбедност и заштита на граѓаните. Безбедносниот систем е основ да функционира државата, а со него фунцкионира и демократијата и правото на глас. За помалку од три години имаме јавност која не се плаши да го кажува својот став и која очекува ништо помалку од висока функционалност, почнувајќи од владата, министерствата и сите други инситуции во Северна Македонија. Денес имаме држава која наскоро ќе стане членка во НАТО и очекува да добие преговори со Европската Унија“, рече Спасовски.

Мандатарот за техничката влада вели дека е свесен за улогата која преодната влада ќе ја има за спроведување на предвремените парламентарни избори и потоа ги претстави членовите кои на сто дена пред изборите ќе ја предводат владата.

Рече дека очекува соработка со сите институции, вклучувајќи ја и Државната изборна комисија за да се спроведат најчистите и најкредибилните избори во историјата на државата.

„Професионалниот пристап на ДИК, МВР и останатите надлежни институции доведоа до избор на претседател на државата признат од сите партии“, потсети Спасовски.

Тој апелираше до опозицијата дека изборниот процес е сега и нивна одговорност, на што тие реагираа со негодување.

Спасовски се заблагодари на досегашниот премиер Зоран Заев и целата влада, која како што рече, ја однел државата кон подобро.

А.Т.

 

Слични содржини