Спасовски ќе ги посети хоспитализираните полицајци, повредени од протестот пред Собранието

од Берта Китинска

Денеска во 09.00 часот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР и БЈБ ќе ги посетат хоспитализираните полициски службеници повредени за време на вчерашниот јавен собир пред Собранието на РСМ.

МВР информираше дека на протестот се повредени четириесет и седум полициски службениц, а приведени се 11 демонстранти, а причинета е и материјална штета.
Министерството за внатрешни работи доцна вечерва информира дека од 47-те полициски службеници, 11 се потешко повредени, а двајца имаат сериозни повреди. На сите им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.

За време на протестот оштетени се и прозорците и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи. Скршени се и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетена е и полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

„Констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции“,се наведува во соопштението од МВР.

Слични содржини