Спасовски во Подгорица на средба со Аџиќ, соработката оценета како одлична и на високо ниво

од Vladimir Zorba

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Подгорица, Црна Гора оствари билатерална средба со црногорскиот колега, министерот за внатрешни работи, Филип Аџиќ.

Министрите ја оценија соработката меѓу двете Министерства како одлична, нагласувајќи го заедничкиот интерес за продлабочување на соработката во борбата против организираниот криминал, илегалната миграција, трговијата со луѓе и шверцот со дрога.

Аџиќ во оваа прилика му се заблагодари на министерот Спасовски за искрената поддршка и изрази очекување дека ќе продолжи интензивната полициска соработка и координирани активности. Потврда за висококвалитетната заедничка работа на полициите на двете земји се бројните оперативни информации разменети меѓу НЦБ Подгорица и НЦБ Скопје, како и значајните успешно спроведени акции насочени кон разбивање на организираниот шверц со оружје, дрога и трговија со луѓе.

Спасовски рече дека Црна Гора е пријателска земја, со која Северна Македонија нема нерешени прашања и истакна дека пријателскиот однос меѓу двете земји треба да биде пример за другите земји во регионот.

Тој особено истакна дека полициската соработка меѓу нашите земји е на високо ниво, посочувајќи ја на пример соработката на специјалните полициски единици и изрази подготвеност за натамошно унапредување, ценејќи дека тоа е од заеднички интерес.

Со оглед на неодамнешното потпишување на договор со Европската Унија за активностите на ФРОНТЕКС во Црна Гора и Северна Македонија, тој ја пофали соработката со таа европска агенција и сподели добри искуства во управувањето со илегалната миграција.

Министрите се согласија дека илегалната миграција е предизвик за безбедноста на двете земји и изразија заедничка волја да придонесат за уште подобро управување со миграцијата и заштита на границите преку поинтензивна соработка во рамките на регионалните иницијативи.

„На тој фронт многу е важно усогласувањето на националните системи со системот EURODAC“, нагласи Аџиќ.

Аџиќ ја истакна определбата на Министерството за внатрешни работи и Владата на Црна Гора за натамошно развивање на партнерските односи. Црна Гора и Северна Македонија имаат заеднички приоритет – членство во Европската Унија, а реализацијата на оваа цел ќе биде олеснета со размена на искуства и добри практики и силни регионални врски.

Слични содржини