Спасовски за „Локално“: Безбедносната ситуација во државата е под контрола, нема директни рефлексии од глобалните случувања кои би претставувале опасност за граѓаните

„Додека добар дел од регионот патува кон Европа, не смееме да си дозволиме играње со шовинистички лего коцки, кои имаат за цел ретроградни процеси, повторно назадување. Тоа веќе не поминува!“

од Vladimir Zorba
542 прегледи

МВР во координација со другите институции кои се дел од безбедносно-разузнавачката заедница и системот за справување со кризи ги презема сите неопходни мерки и активности за гарантирање на мирот и безбедноста на сите граѓани на територијата на целата држава, вклучувајќи ги тука и превентивните мерки. Значи, засега безбедносната ситуација во државата е под контрола, нема директни рефлексии од овие глобални случувања кои би претставувале опасност за безбедноста и граѓаните можат да бидат спокојни, вели во интервју за „Локално“ министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Трагедијата со киднапирањето и убиството на малата Вања, според министерот, била повод за мноштво дезинформации, теории на заговор, а посебно за политичка злоупотреба на целиот случај од страна на членови на политички субјекти, „со обиди да му се даде и етничка боја“.

-Тоа беа најгнасните лаги, нешто најдолно што може да се случува. Ова се тврдења кои што можат да ги направат само десни екстремистички групи кои што апсолутно не соодветствуваат со реалноста и имаат за цел да се предизвика недоверба, страв итн., и покрај брзината и ефикасноста со која работеше полицијата, вели Спасовски.

За кризата на Северот на Косово и можно отцепување на Република Српска од БиХ, кои се покажуваат како најголеми регионални предизвици, Спасовски е уверен сум дека нашите стратешки партнери – ни ЕУ ни САД нема да дозволат црни сценарија и ќе извршат силен притисок за да се вратат работите во регионот нормала.

-Ако нашата заедничка цел е да станеме регион кој ќе извезува мир и стабилност, тогаш не може политички кризи да се решаваат со конфликти, односно мора да се обединиме со заеднички политики кои можеме заеднички да ја спроведуваме. Ако сакаме напредок, економски развој и подобар стандард за нашите граѓани, во ништо од тоа нема да успееме без безбедноста, смета тој.

На прашање за несогласувања и поделеност во партијата, министерот за внатрешни работи порача дека СДСМ го има победничкиот дух и точно знае како се испорачуваат победнички резултати.

-Тоа и самите граѓани го препознаваат и знаат да го вреднуваат. А околу дезинформациите за некакви внатрепартиски судири, кои се пуста желба на опозицијата, не може да стане збор, дециден е Спасовски.

Смета дека поминало времето на провокации заради подгревање на етнички тензии, „веќе видено на овие пошироки простори, но несоодветно за еволутивното ниво на ова време“.

-Додека добар дел од регионот патува кон Европа, не смееме да си дозволиме играње со шовинистички лего коцки, кои имаат за цел ретроградни процеси, повторно назадување. Тоа веќе не поминува! Нема простор за очајнички обиди да се внесе немир онаму каде граѓаните точно знаат што сакаат, порача Спасовски во интервјуто.

Како ја оценувате измината година на безбедносен план и кој беше најголемиот предизвик со кој се соочи Министерството за внатрешни работи?

-На мое големо задоволство, МВР ги надмина достигнувањата во работењето на полето на безбедноста од претходната година, кои, да потсетам, беа најдобри во последните 30 години. Статистиката говори за континуитет во намалувачките трендови на криминалните области, поточно годишниот просек за 2023 говори за намалување на вкупниот криминалитет за 8%, наспроти ланските 6%, со постигната ефикасност на полицијата од околу 60%. Притоа зголемување бележат откриените кривични дела од организиран криминал, криумчарење на мигранти, заплените на оружје, а зголемена е ефикасноста и во борбата со недозволената трговија со дрога, додека генерално намалување имаме кај имотните деликти, особено тешките кражби и разбојништвата, како и прекршоците од јавниот ред и мир.

Одлични резултати постигнавме и во спречување на организираниот криминал и шверцот со наркотици. Сузбиени се вкупно 13 организирани криминални групи во кои членувале над 100 лица, за недозволена трговија со дрога, оружје, криумчарење мигранти, културно наследство, но и злоупотреба на службена положба и перење пари, а во делот на спречување на корупција откривме околу 120 кривични дела, „тешки“ 350 милиони денари.

А што се однесува до предизвиците, факт е дека глобалните геополитички случувања, како што се агресијата на Русија над Украина, случувањата на северот на Косово, како и воените операции во Газа, имаат огромно влијание, не само во регионите во кои се случуваат. Затоа, МВР во координација со другите институции кои се дел од безбедносно-разузнавачката заедница и системот за справување со кризи ги презема сите неопходни мерки и активности за гарантирање на мирот и безбедноста на сите граѓани на територијата на целата држава, вклучувајќи ги тука и превентивните мерки. Значи, засега безбедносната ситуација во државата е под контрола, нема директни рефлексии од овие глобални случувања кои би претставувале опасност за безбедноста и граѓаните можат да бидат спокојни.

Убиството на Вања ја потресе земјава, а опозицијата направи цел случај и „ловеше“ политички поени. Обвинети сте за задоцнета реакција и за непостапување по добиени информации за инволвираните во целиот случај и се бараше ваша оставка. Дали потфрливте во овој случај?

-Трагедијата со киднапирањето и убиството, за жал, беше повод и за мноштво дезинформации, теории на заговор, а посебно за политичка злоупотреба на целиот случај од страна на членови на политички субјекти, со обиди да му се даде и етничка  боја. Тоа беа најгнасните лаги, нешто најдолно што може да се случува. Ова се тврдења кои што можат да ги направат само десни екстремистички групи кои што апсолутно не соодветствуваат со реалноста и имаат за цел да се предизвика недоверба, страв итн., и покрај брзината и ефикасноста со која работеше полицијата.

А, како што знаете, и за двата случаи од моментот на пријавувањето се активираа сите механизми за пронаоѓање на лицата, се формираше кризен штаб и се преземаа сите мерки и активности по насока на обвинителството. Во меѓувреме беше распишана итна меѓународна потерница од страна на Интерпол за лицето барано за истрага на тешки кривични дела „грабнување” и “убиство“, по издадена наредба од ОЈО Скопје.

Како што информиравме, сите овие преземени активности беа заокружени со кривична пријава против осомничените, за убиство, за грабнување, за соизвршителство при убиство и за помагање при грабнување, со приложени докази од предистражната постапка во неа, која е предадена на ОЈО. Истиот ден добивме известување и од колегите од пријателска Турција дека на нивна територија е фатен и лишен од слобода креаторот, планерот, главниот координатор и директниот извршител на овие кривични дела, идентично на нашите оперативни сознанија во врска со патеката на движење на осомничениот. Сега веќе тече истражната постапка, која си ја води Обвинителство, а паралелно и постапката за определување на екстрадиционен притвор, сѐ додека бараното лице не биде спроведено во нашата држава, а потоа и веднаш изведено пред лицето на правдата.

Од правен аспект, главниот осомничен за убиството на Ѓорчевска – Љупчо Палевски, би можел да ја одложува екстрадицијата подолг период. Дали очекувате сличен епилог?

-Турција е наша пријателска и братска земја која ја поддржува Македонија од првиот ден од осамостојувањето. Нашите два народа се мост на соработка меѓу двете држави. Апсолутно сум убеден дека кога станува збор за спроведување на правда, посебно кога станува збор за вакви свирепи убиства, мислам дека воопшто нема простор да размислуваме за таа постапка. Министерот за правда заедно со неговиот тим ги направија сите потребни работи во однос на подготовката на целата документација, преводи кои што се официјални и кои што веќе се доставени во Турција. Информациите се потврдени од страна на турските власти дека се примени сите тие документации во однос на екстрадицијата и јас очекувам дека тој процес ќе тече најбрзо и дека ќе се заврши екстрадицијата на осомничениот. Јас само ќе порачам дека правдата е совест, не лична, туку совест на целото човештво. Затоа, ако сакаме мир во душите, правдата мора да биде брза, целосна и до крај спроведена.

Често ја потенцирате борбата против трговијата со дрога и велите дека тоа е еден од најврвните приоритети на МВР. Сепак останаа многу нерасчистени случаи, како пукањето на Раде Штекли, убиствата во „Шиша бар“, а информациите за клановите „Грчец“ или „Беланоца“ се како од акционен филм. Ја добивате или ја губите оваа борба?

-Јавноста е сведок дека конечно се отвори еден широк фронт на борба од страна на МВР против овие структури и за тоа постојат конкретни факти и докази. Најважната работа е тоа што МВР сериозно се насочи кон криминалните групи и сузбивањето на криминалот во државата без никакви калкулации и најефикасно работиме во сузбивањето на било која од тие криминални групи што делувале не само сега, туку делувале и биле градени изминатите 30 години по независноста на Македонија, а најмногу простор им се даде во време на режимот. Ако погледнете кои се лицата коишто се уапсени, кои се наоѓаат на издржување на казни затвор – тоа се истите структури кои потекнуваат од споменатото криминално милје во Скопје или државата. Само во еден месец годинава три најголеми криминални имиња се уапсени и одведени пред лицето на правдата. Сами бевте сведоци неодамна на апсење на јавно место во центарот на Скопје на еден криминалец токму од тие структури од Грчец. Со сето тоа паднаа во вода сите кажувања за некаква си неказнивост на едната или другата група – од Грчец, од Арачиново, Сарај, Чаир итн.

А ако зборуваме за кривичното дело убиство сакам и за тоа да изнесеме аргументи и факти пред јавноста, бидејќи фактите се тие кои ја потврдуваат и борбата и работата на институциите. За периодот од 2006 до 2015 година имавме вкупно 338 убиства на територијата на државата, од коишто 38 се нерасчистени. Во периодот од 2015 до денеска имаме вкупно 128 убиства, од кои 28 нерасчистени. Тоа покажува дека и бројот на овие кривични дела е намален, како и бројот на нерасветлените. Перцепцијата мораме да ја градиме на факти и аргументи.

Кога сме кај борбата против недозволената трговија со дрога, годината ја завршивме со шест сузбиени организирани криминални групи во кои членувале 24 лица кои дејствувале меѓународно и национално. Спречени се четири меѓународни транспорти на марихуана со што постигнавме пораст во откривачката функција и заплена на над 760 килограми дрога, а особен успех е постигнат и во заплената на кокаин и синтетички дроги, со остварена заплена од 11 килограми амфетамин. За обележување се и откриените лаборатории за производство на марихуана и амфетамин, како и откриените случаи на злоупотреби на контролирано производство на марихуана во правни субјекти.

Најавивте проширување на проектот „Безбеден град“, ќе се поставуваат камери и во другите градови и на автопатиштата. Од кога постои, „Безбеден град“ требаше да донесе крај за системот „имам човек, ќе ми скине казна“ и целосно да го подобри сообраќајот. Наместо тоа, очигледно е дека сообраќајот е на најкатастрофално ниво. Решение?

-Нашата држава е членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, и по примерот на европските земји работи на воведување поточно надградба на овој систем за зголемување на јавната и сообраќајната безбедност. Станува збор за систем којшто ќе придонесе за лична сигурност на граѓаните, зголемена безбедност и остварување на граѓанските права. Новите камери кои се поставуваат во Скопје се во рамките на проектот „Безбеден град”, кој има за цел зајакнување на сообраќајната безбедност, а откако ќе бидат поставени, ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци. Камерите сѐ уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект јавноста соодветно ќе биде известена. Инаку, во текот на годината, МВР во континуитет преземаше низа активности за обезбедување на безбеден сообраќај на патиштата во Северна Македонија: од нормативно уредување и доследно спроведување на законските прописи до реализација на проекти и активности во делот на превенцијата. Според статистичките показатели бројот на жртвите во сообраќајот бележи намален тренд, а 217.500 регистрирани прекршоци се резултат на зголемената присутност на терен на сообраќајната полиција.

Зајакнати резултати во поглед на безбедноста во сообраќајот очекувам и од двете возила опремени со системот PolCam, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење, предадени од РСБСП согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за модернизација на опремата на сообраќајната полиција. Морам да нагласам дека за првпат во нашата држава полицијата располага со возила и опрема од ваков тип, кои исклучително ќе ја променат сликата на сообраќајот на патиштата. Овие возила имаат огромна предност, поради мобилноста како клучна за целосна покриеност во насока на превентивно и репресивно делување на терен во сообраќајот, а се со цел сериозно намалување на сообраќајни незгоди.

Системот PolCam е незаменлив при документирање на сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената, непрописно престигнување и други прекршоци, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата. Уредот овозможува видео запис од 25 фотографии во секунда, мапа на којашто се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци. Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок.

Притисокот на границите поради руско-украинската криза дополнително се зголеми, а бројот на мигрантите кои ги поминуваат границите повторно се зголемува. Како стоиме на тој план, дали успешно се справуваме со нелегалните преминувачи?

-Илегалните движења на лица од земјите од Блискиот Исток, Азија и Африка, детерминирани од различни социо-економски, политички, климатски и други причини, и во текот на 2023 година беа актуелна закана за земјите од Западен Балкан и Европа. Турција и Грција сѐ уште се земји на чии територии се стационирани голем број на мигранти. Северна Македонија и понатаму е дел од Западно-балканска рута која мигрантите ја користат за да стигнат до крајната дестинација. Во таа насока, МВР континуирано презема засилени мерки и активности за справување со оваа закана, а засилените контроли резултираа со спречување на повеќе од 13.800 обиди за илегално транзитирање низ нашата држава, од кои 89 % само на границата со Грција. Потребата за справување со оваа појава останува приоритет во работењето на полицијата и покрај тоа што миграцискиот бран е двојно намален, споредено со минатата година. Притоа, од голема важност беше отпочнувањето на Заедничката операција со Frontex и распоредување на полициските службеници од оваа Агенција на јужната граница.

Безмалку 10 години во континуитет, и борбата против криумчарењето мигранти и сузбивањето на организираните криминални групи е еден од нашите главни приоритети, не само бидејќи станува збор за високо профитабилен криминален бизнис, туку и заради заштита на животот и здравјето на криумчарените мигранти. Криумчарењето мигранти, како еден од најпрофитабилните криминали, сериозно наметнува безбедносни ризици за целиот европски континент. Сите сме свесни дека ова кривично дело го вршат добро организирани криминални групи, кои стануваат сѐ пософистицирани и сѐ потешко се пресретнуваат.

Во рамки на МВР успешно функиционира Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, која заедно со Одделот за гранични работи и миграции ги следи состојбите и делува проактивно во откривање на случаи на криумчарење на мигранти кои имаат елементи на организиран криминал, како и откривање на индивидуални случаи. Како резултат на сето тоа, изминатава година имавме зголемување на откриените кривични дела криумчарење мигранти за 27%, а детектирана и сузбиена е и 17-члена организирана криминална група која делувала и на меѓународно ниво.

Кризата на Северно Косово се чини во моментов најголемиот регионален предизвик, но и најавите на претседателот на Република Српска, Додик за отцепување од БиХ. Очекувате ли прелевање на кризите во земјава?

-Како што веќе споменав, засега безбедносната ситуација во државата е под контрола, нема директни рефлексии кои би претставувале опасност за безбедноста на Македонија. Уверен сум дека нашите стратешки партнери – ни ЕУ ни САД нема да дозволат црни сценарија и ќе извршат силен притисок за да се вратат работите во регионот нормала. Впрочем, токму појавата на овие нови регионални и глобални закани потсетија зошто е важно да се биде дел од најмоќната воено-политичка Алијанса во светот за колективна одбрана. Република Северна Македонија по полноправното членство не е повеќе објект во гео-политичките дискусии, туку субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања во рамки на Алијансата. Тоа значи дека имаме споделена одговорност и даваме придонес кон одржувањето на глобалниот мир, безбедност и стабилноста. Силната посветеност на НАТО кон Западен Балкан како стратешки важен регион, е од огромно безбедносно значење.

Ако нашата заедничка цел е да станеме регион кој ќе извезува мир и стабилност, тогаш не може политички кризи да се решаваат со конфликти, односно мора да се обединиме со заеднички политики кои можеме заеднички да ја спроведуваме. Ако сакаме напредок, економски развој и подобар стандард за нашите граѓани, во ништо од тоа нема да успееме без безбедноста. Лично посакувам сите случувања во нашето соседство да се решат преку дијалог и на мирен начин, бидејќи што побрзото решавање на обврските и очекувањата, без разлика колку се тешки или комплексни, ќе значи поскоро навраќање на теми кои се од интерес на нашите граѓани и значат подобар живот за нив. Конечно, сите имаме единствена цел – заеднички да бидеме дел од европското семејство, да ги имплементираме европските вредности и на граѓаните да им овозможиме повисоки животни стандарди.

Кои се најголемите безбедносни предизвици за земјава во 2024-та година? Дали Руската закана, генерално за Балканот, ќе го диктира темпото и однесувањето на безбедносните структури?

-Па, делумно со претходниот одговор веќе одговорив на ова. Ќе потсетам дека НАТО алијансата обединува безмалку 1 милијарда луѓе, а инструментите со кои располага, како што се колективната одбрана и подигнување на нивото на безбедност и подготвеност, значат и споделена одговорност кон одржувањето на глобалниот мир. Од аспект на МВР, пак, благодарение на континуираните добри резултати во полициското работење, најдобри од осамостојувањето на државата, Република Северна Македонија важи за најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. И МВР, а и сите државни институции кои се дел од безбедносно-разузнавачката заедница работат овој заслужен статус да остане, а во однос на споменатите предизвици. Меѓусебната соработка е одлична, впрочем како и соработката со стратешките партнери, меѓу другото и за идентификување на можните форми и облици на безбедносните закани и загрозувања, како и соодветните мерки во интерес, пред сѐ, на граѓаните и државата, врз основа на безбедносните проценки.

Изборна е 2024 година, се одржуваат претседателски и парламентарни избори. Често вашето име се поврзува со претседателската позиција, па дали тоа е вашата следна цел или можеби целите на врвот во вашата матична партија?

-Целта што си ја поставив пред себе за овој мандат, ја заокружувам. Ова беше еден многу динамичен период во кој не само што ги подобривме работите во МВР, туку во многу сегменти се придвижија нештата на општествено рамниште, се променија перцепциите, се врати слободата на говорот, на различните мислења, станавме сведоци дека неказнивоста поради финансиска моќ, партиска припадност или семеен статус останаа во историјата, а во многу сегменти се остварија одлични резултати. И на тоа сум особено горд. Продуктивноста никогаш не е случајна. Таа е производ на квалитет, внимателно планирање и фокусиран напор. Затоа и успесите се евидентни–од најзатворена институција во институција со изразена транспарентност, од заробена држава во најбезбедна земја на Балканот, од земја и институција во изолација до кредибилен партнер на меѓународните институции и агенции за спроведување на законот, како ИНТЕРПОЛ, Агенциите на ЕУ – ЕВРОПОЛ и СЕЛЕК, светската Интерпол…. Признанието ни дојде во вид на меѓународна препознатливост, во добиено претседавање со 50 Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ, со Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, а подоцна и со исполнување на високите безбедносни критериуми при организацијата на Министерскиот совет на ОБСЕ.

Она што најмногу ме радува е фактот што конечно ја трансформиравме полицијата во вистински сервис за граѓаните, како во поглед на пружањето на граѓански услуги, така и во осигурување на безбедноста на сите граѓаните, нивниот имот, како и на државните институции. Одамна е завршено времето кога полицијата беше сметана за непријател на граѓаните. „МВР за граѓаните“ е концептот кој го воспоставивме во 2017 година и кој од година во година дава сѐ позабележителни резултати. Сѐ она што беше зацртано како стратешки приоритет за изминатиот период – го остваривме – и во поглед на реформите, и во поглед на подобрување на условите за работа, но и во делот на подобрување на социјалниот статус на полицијата.

Останатото е партиска работа и политички одлуки. СДСМ е демократска партија и членството го изразува својот став со гласање преку раководните органи, па кога ќе дојде моментот, ќе разговараме и низ дијалог ќе се утврди тоа што е најдобро. Таа не зависи од еден човек и добро е што е така. За мене е многу важно добро позиционирање на СДСМ, давање на добра понуда на граѓаните, да се утврди кандидат за претседател на држвата кој, пред сѐ, ги споделува вредностите на мнозинството граѓани кои се за нашето членство во ЕУ и, секако, да ја добие довербата целиот тој кампус за проевропска Македонија којшто има јасна визија. Така што, личните амбиции во овој момент се неважни. Важно е каде ќе се движи државата и што ќе им понудиме како иднина на граѓаните.

Каква е моменталната ситуација во СДСМ, дали има поделеност во партијата како што шпекулираат опозициските медиуми?

-СДСМ го има победничкиот дух и точно знае како се испорачуваат победнички резултати. Тоа и самите граѓани го препознаваат и знаат да го вреднуваат. А околу дезинформациите за некакви внатрепартиски судири, кои се пуста желба на опозицијата, не може да стане збор. Во СДСМ сржта на партијата е членството, а разговорите на многу теми и прашања коишто се од заеднички интерес, и државен и партиски, носат резултати. За нас е важен Европскиот фронт, бидејќи таа опција нуди извесност и перспектива на државата.

Очекувате ли подгревање на етничките тензии во предизборието, нешто што не е непознато на земјава?

-Сметам дека помина времето на провокации заради подгревање на етнички тензии. Веќе видено на овие пошироки простори, но несоодветно за еволутивното ниво на ова време. Ние веќе седма година развиваме концепт „Едно општество за сите“, концепт кој беше неопходен, препознаен, природно прифатен и интегриран во секојдневното живеење на нашите граѓани. Живеењето на овој концепт говори дека сме го надминале „ваши“ и „наши“, врз основа на етничка или верска припадност. Тоа говори дека ни здодеа „бурето барут“ поради кое со децении се тапка во место. Време е за други перспективи и стандарди – европски! А посебно ми е драго што заеднички, како Владина коалиција сме насочени кон тие перспективи. Додека добар дел од регионот патува кон Европа, не смееме да си дозволиме играње со шовинистички лего коцки, кои имаат за цел ретроградни процеси, повторно назадување. Тоа веќе не поминува! Нема простор за очајнички обиди да се внесе немир онаму каде граѓаните точно знаат што сакаат. Бидејќи сето она што го блокира работењето на институциите, што го блокира пристапувањето кон ЕУ, не е ништо друго освен анти-ЕУ концепт. А тоа во моментов најмалку е потребно.

Какво МВР ќе остави Оливер Спасовски доколку дојде до смена на власта во 2024-година?

-Со инвестирани 17 милиони евра за реформските процеси на оперативно рамниште, 2023 година ја завршивме со завидна бројка од 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти. Отпочнат е реконструкциски зафат на Управните служби, како и основни подготовки за отпочнување на активности во Центарот за обука во Идризово. Воедно, можеме да се пофалиме и со уште два нови објекти, најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на Одделот за форензички испитувања и новата Полициската станица Аеродром, чија изградба од темел ја отпочнавме.

Оставам и опремена полиција во која се вложени 13 милиони евра за униформи, чевли и опрема за сите организациони единици во МВР, се обезбедија дрегери и радари со уреди за ноќно снимање, се набавија интервентни, транспортни и возила за справување со нарушен јавен ред и мир, но и пловни објекти, а се изврши и комплетна модернизација на Хеликоптерската единица. Благодарение на набавеното ведро и систем за гаснење пожари, таа само во годината што измина оствари 33 летови, со исфрлени 936 тона вода за гаснење на пожари, а од неодамна, со обезбедената и монтирана медицинска опрема на еден од воздухопловите, овој оддел може да врши транспорт на пациенти по воздушен пат. Воедно, набавивме и 20 интервентни комбиња, за потребите на сите СВР-а, кои се опремени со најнова високософистицирана опрема.

Исто така, оставам вработени со унапреден социјален статус. Имено, по минатогодишното зголемување на платите за 5%, годинава платите ги зголемивме во два наврати, а во декември беше исплатен и регрес за 2023. Односно, во овие 6 години на вработените во МВР им се зголемија платите за 35%, преку петте покачувања на платата за сите, но и 4 дополнителни покачувања за одредени категории работни места, како и 6 редовно исплатени бонус плати, со една единствена цел – создавање задоволна и мотивирана полиција која ја гарантира безбедноста на граѓаните. Мотивираната полиција посветено да работи за зголемување на безбедноста на граѓаните, па сега, на мое големо задоволство, зборуваме за висока доверба кон полицијата од над 50% отсто, што е уште еден показател дека МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани. И, конечно, оставам стабилна безбедносна состојба, со најдобри резултати во цели три децении, со континуиран тренд на намалување на криминалитетот, а зголемена ефикасност на полицијата.

В.З.

Слични содржини