Спорот околу серијата „Македонија“ прераснува во сапуница

од desk4
86 прегледи

Државната Агенција за филм и хрватската продуцентска куќа „Јадран филм“ секој ден преку медиумите се докажуваат кој е виновен зошто агенцијата крена раце од играната серија „Македонија“, за која државава за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот одвои 1,1 милион евра, а вкупно предвиде 4,6 милиони, пишува БИРН.

Од целата ситуација со пинг-понг соопштенија и брифинзи од двете страни, може да се изведе само еден заклучок, а тоа е дека сè уште не можеме да ја погледнеме ниту првата епизода од стартната сезона, што првично требаше да биде завршена во април. Подоцна рокот е поместен за септември годинава, но и тој е пробиен.

Тоа е единствената работа што сега засега е јасна, а сѐ друго, вклучително и причината зошто серијата доцни, се наоѓа некаде на релацијата меѓу аргументите на двете завојувани страни.

За „Јадран филм“ образложението е дека станува збор за врвен телевизиски продукт, чија изработка бара време, додека првиот човек на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, се држи до она што е напишано и потпишано во договорот и прашува каде е серијата.

По избувнувањето на скандалот, „Јадран филм“ пушти во оптек трејлер кој открива дека нешто, сепак, е снимено, меѓутоа материјалот е далеку од она што било договорено со претходното раководство на агенцијата, а тоа се 14 епизоди од првата сезона, секоја во траење од по 45 минути завршени до септември.

Интересно и по малку иронично е дека серијата „Македонија“, пак, раскажува приказна за американски продуцент со македонско потекло кој доаѓа во земјава, за да сними ТВ-серија за татковината и за неговите предци и при нејзината подготовката има секакви потешкотии и притисоци . Речиси исто како и серијата „Македонија“ која во реалноста има проблеми при снимањето.

Целиов овој случај за да ги добие сите епитети на вистинска сапуница, придонесуваат и одредени лични односи помеѓу двете страни.

Колку и зошто доцни првата сезона?

БИРН се обрати  до „Јадран филм“ со неколку прашања и барања. Од таму сакале да знаат колку материјал во часови или во епизоди е снимен до првиот рок во април, а колку до септември и дали има начин некако да се увериме во сработеното.

Меѓутоа, одговорите што го добиле не биле конкретни.

Првиот човек на „Јадран филм“, Винко Грубишиќ, ги поканил да ги посетат во Хрватска и лично да се уверат во количината, но и во квалитетот на снименото, со тоа што додал:

„Нагласувам дека ние не се тркаме на 100 метри, туку работиме престижна серија, чијшто квалитет го видовте од трејлерот“.

Тој потенцира дека нивната прва и основна цел била да продуцираат серија со максимален квалитет, а не само да ја исполнат формата без содржина.

„Сите поместувања на роковите имаа само мотив проектот да се доработи и серијата да има максимален квалитет, од сценариото, па сè до дизајнот на продукцијата и изборот на локациите“, изјави Грубишиќ за БИРН и најави дека во деновите што следат ќе презентираат и снимени сцени.

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, пак, вели дека нему до ден денешен сè уште не му се презентирани материјалите од серијата.

Тозија по промената на власта дојде на позицијата в.д. директор на агенцијата и веднаш во август, неколку недели пред крајниот рок за испорака на „Македонија“, побарал „Јадран филм“ да му достави ДВД со снимениот материјал и дневен план од снимањето. Пет дена подоцна ги побарал и договорите за дистрибуција, а на први септември им пишал уште еднаш со напомена дека не доставиле ништо.

Средбата и вибер-пораката околу која се кршат копјата. Тозија и Грубишиќ еден до друг | Фото: Јадран филм

И БИРН неделава, покрај снимените материјали, ги побара и договорите за дистрибуција, меѓутоа од „Јадран филм“ одговориле дека сите податоци во врска со дистрибуцијата, која ќе одела на девет дестинации, ќе ги објават пред почетокот на емитувањето на серијата, со оглед дека во моментов биле изложени на притисоци.

„Всушност, некој се јавува и се обидува да ги исплаши партнерите со кои работиме со децении“, вели за БИРН, првиот човек на „Јадран филм“, Винко Грубишиќ.

Дополнително, „Јадран филм“ го обвинува Тозија оти во август, некаде пред крајот на рокот, го запознале со текот на серијата, тој прифатил да се сретне со нив во еден од скопските ресторани, каде што наводно биле договарани деталите за тоа како ќе продолжи соработката.

Имено, Винко Грубишиќ од „Јадран филм“ вели дека Тозија барал да се смени сценариото, во кое, наводно, имало политички пропагандни елементи, а барал и смена на режисерот. На средбата заемно било договорено во септември да се ангажира продуцентот Борис Грегориќ, инаку стар и многу добар пријател на Тозија од осумдесеттите години кога тој престојувал во Хрватска.

„Значи, Тозија бараше да се одложи снимањето поради тоа што му пречело (н.з. во серијата), а потоа нѐ обвини дека доцниме.“

Тозија за БИРН ја потврди средбата во скопскиот ресторан, меѓутоа демантираше дека нешто барал и дека прифатил нов термин за реализација на серијата.

„Имаат ли некаков доказ дека сум прифатил промена на рокот?“, прашува Тозија, алудирајќи на тоа дека навистина не постои официјален документ за овој, според него, наводен нов договор со „Јадран филм“.

Целиот текст на БИРН на следниот линк.