Србија воведе задолжително носење маски во здравствените установи

од Radmila Tasevska

Работната група на српското министерство за здравство за постапување во услови на пандемијата на ковид донесе на денешната седница препораки за постапување на ниво на примарна здравствена заштита и болничките установи. Една од одлуките е задолжително носење заштитни маски во сите здравствени установи, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија.

Исто така е наложено задолжително тестирање на ковид на сите вработени во здравствените установи кои имаат симптоми на акутна респираторна инфекција, како и нивна задолжителна контрола и тестирање по прележаната инфекција. На ниво на здравствени установи, тестирањето на пациентите е услов за хоспитализација, но и за прием на хематолошките и онколошките оддели.

Дополнително, тестирање е нужно за прием на одделот геријатрија и други оддели на кои се лекуваат пациенти со примарни или тешки имунодефициенции. Воведена е забрана за посета на болниците кои се во надлежност на Комисијата за превенција на болнички инфекции.

Комисиите за превенција на болничките инфекции во здравствените установи се должни во следните седум дена да направат проценка на епидемиолошката ситуација и да дадат предлог мерки, како и редовно да ја следат епидемиолошката ситуација. Што се однесува до сместувањето на хоспитализираните пациенти заболени од ковид, работната група зазеде став дека засега не е неопходно нивно дополнително проширување.

Слични содржини