СДСМ закажа вонредна седница на централниот одбор на која ќе се разгледува и одлучува за понатамошните насоки за преговорите за новата влада како и за кандидатите за министерските позиции.

Доколку денеска успее да се екипира владиниот кабинет, односно да се поделат ресорите, тогаш се очекува мандатарот Зоран Заев најдоцна до утре да го достави предлогот за составот на новата влада до Собранието.
Се очекува раздвижен ден на Бихаќка, мандатарот Заев ги финализира разговорите со цел да се исполни очекувањето и до доцна вечерва новиот владин кабинет и програма да бидат доставени до Собранието. Али Ахмети пристигна на Бихаќка со цел даќе разговара со Заев за неговиот предлог за имињата за министри, но и оние кои би биле кандидати од СДСМ во новата влада. Нема конкретен став за реакцијата на мандатарот за одлуката на ДУИ.
Заев рече дека во текот на целиот ден разговорите ќе течат се додека не се состави конечната листа што ќе биде доставена до Собранието. Комуникацијата ќе продолжи и со Алијансата за Албанците кои вечерва одлучуваат за нивните кандидати за министри за здравство и локална самоуправа. Извесно е дека Арбен Таравари ќе седне во здравство , а локална самоуправа ќе оди во рацете на партијата на Весил Мемеди, а Мемеди сепак, ќе остане само пратеник.
Ќе има консултации со дел од коалициските партнери внатре во коалицијата на СДСМ, а попладнево најтесното партиско раководство на координација ќе одлучува за нивните фаворите, а вечерта тие ќе треба да бидат потврдени и од централниот одбор на партијата.
Радмила Шеќеринска ќе седне во одбрана и ќе биде заменик претседател на владата, Оливер Спасовски во МВР, во игра е името на Драган Тевдовски за финансии, Никола Димитров за надворешни, Рената Десковска во образование, иако за тоа место се надева и Петар Атанасов. Местото во земјоделство иако беше извесно дека таму треба ќе се седне заменикот министер за земјоделство во техничката влада, Љупчо Николовски, тој ако остане во партијата како генерален секретар , тогаш Заев треба да најде нов кандидат. Се уште виси местото за одговорен за министерството за транспорт и врски, а како кандидати се споменуваат Дамјан Манчевски и Горан Сугарев, а информатичко општество го бара ЛДП, а од СДСМ се споменува името на Јован Деспотовски. Официјалната листа ќе се знае по вечерашниот централен одбор./извор ТВ24