Српската полиција ги обвини „Србија против насилство“ за предизвикување нереди пред Собранието

од Vladimir Zorba
259 прегледи

Шефот на полициската управа Ивица Ивковиќ ја обвини коалицијата „Србија против насилство“ дека синоќа предизвикала немири пред собранието на град Белград.

На конференцијата за медимуи во Белград, Ивковиќ рече дека синоќа околу 18 часот имало ненајавен собир на граѓани пред РИК на улицата „Крал Милан“, каде пред случајните минувачи се обратиле повеќе политички претставници на коалицијата „Србија против насилство“.

„Од нивниот говор се насетуваше натамошниот развој на настаните“, рече Ивковиќ и додаде дека нередите кои потоа избија пред собранието на град Белград само ги потврдија наодите на полицијата и безбедносните служби со кои претставниците на коалицијата „Србија против насилство“, како што рече, биле запознаени на средбите на 12 и 16 декември.

Ивковиќ потсети дека во таа прилика претставниците на опозицијата дале гаранции дека нема да има немири, но дека синоќешните настани „целосно ги потврдија информациите на МУП и го покажаа вистинското лице и намера на овие собири“.

Ивковиќ рече дека насобраните пред градското собрание неколку часа ги напаѓале полицајците, фрлале по нив со камења и факели и ги удирале со дрвени шипки.

„По речиси три часа воздржаност, околу 21 часот и 50 минути, следеше законска интервенција на припадници на МУП. За да побие некои медиуми, полицијата не нападна никого, туку употреби присилни средства со цел да го врати нарушениот јавен ред и мир“, рече Ивковиќ.

Тој посочи дека синоќа биле повредени осум припадници на полицијата, од кои некои се со тешки повреди, а на еден полицаец денеска ќе му биде извршена хируршка интервенција.

„Гонети се 38 лица, најмногу за повикување на насилна промена на уставниот поредок и за насилство и недолично однесување “, рече Ивковиќ и рече дека истрагите се уште траат и оти бројката ќе биде поголема.

Бидејќи за денеска се најавени протести во Белград, Ивковиќ ги повика и ги предупреди претставниците на „Србија против насилство“ да „се воздржат од какви било насилни акти, особено од напади врз државни институции и припадници на полицијата“.

„Нема да се толерира какво било насилство, блокади на патишта и мостови. Полицијата ќе ги преземе сите мерки и дејствија, ќе ги приведе и гони сите кои предизвикуваат нереди“, рече началникот на Полициската управа.

Слични содржини