Студентите нема да престанат да протестираат и по 15-ти март. Сабота е показна вежба, која покажува колку луѓе можат да излезат на улиците на Белград и да ги поддржат барањата на студентите. Студентите не планираат никакво мрачно сценарио, но немаат моќ да го спречат доколку некој друг сака да го предизвика, вели во разговор за „Локално“, српскиот политички аналитичар Жељко Ињац по еден од најмасовните протести во Белград во историјата, организиран од студентите.
Според него, секоја влада на крајот му здосадува на народот и дека корупцијата постои насекаде низ светот односно тоа не е балкански изум.
-Не е тајна дека сериозните и моќни држави ги контролираат криминалците, колку што е можно повеќе. Од друга страна, секоја власт на крајот го губи допирот со народот и станува арогантна. Србите навистина не поднесуваат таква ароганција. Но, сето ова не би било доволно за бунт доколку нема добра организација на протести и мешање однадвор, вели аналитичарот за состојбите во неговата земја.
Сепак, стравува дека евентуални немири во Србија би биле иницирани со цел да се маргинализираат настаните во Босна и Херцеговина и ситуацијата во Република Српска по одредената затворска казна за лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.
Ињац оценува дека ако Србите сакаат да се ослободат од српскиот претседател Алексаданр Вучиќ, прво треба да извршат притисок за регулирање на изборните услови па потоа нека одлучат на изборите кого ќе поддржат.
-Доколку се уште има некаков суверенитет, Србија не смее да дозволи Брисел да ги поништи неговите избори и да наметнува претседателски кандидати. Во играта на исцрпување, Вучиќ е велемајстор. Мислам дека тој веќе ги искористи протестите за многу лични интереси, вклучително и за интересите на неговата партија, истакна српскиот аналитичар.
Ноќта е најтемна пред зората, до исполнување на барањата – порака од студентите на протестот во Белград. Протест на 15-ти март за 15-те жртви во Нови Сад. Студентите рекоа дека нема повеќе да дозволат корупцијата да загрози нечиј живот. И додека студентите и граѓаните повикуваат на мирни протести, дека ова нема да биде „Ден Д“ протест – ќе продолжат и понатаму со барањата, ќе постават нови барања со ултиматум за генерален штрајк од понеделник.
„Синоќа, за време на најголемиот протест во историјата на Србија, за време на симболичните 15 минути молк, беше употребено илегално оружје познато како „звучен топ“, обвинија српските студенти. Оваа брутална и незаконска употреба на сила предизвика хаос и паника кај насобраните граѓани, а резултираше со десетици повредени. Многумина завршиле во Ургентниот центар во Белград, а има и сведоштва од граѓани чии уреди за помош на срцето престанале да работат поради дејството на ова оружје“, се наведува во соопштението на студентите во блокадата.
Звучниот топ (LRAD) е оружје што користи звучни бранови со екстремен интензитет за да предизвика болка, дезориентација, паника и физичка повреда на оние кои се изложени на него. Овој тип на оружје може да доведе до губење на слухот, вртоглавица, гадење, дезориентација, а кај лицата со срцеви заболувања, сериозни здравствени компликации и здравствени последици. Звучниот топ е нелегален во Република Србија и неговата употреба не е регулирана со никаков закон.
Српскиот претседател изјави дека на почетокот на следната недела Собранието ќе ја констатира оставката на Владата под претседателство на Милош Вучевиќ, по што ќе започне 30-дневен рок за избор на нова. Вучиќ во неделата присуствуваше на седницата на српската влада на покана на премиерот во заминување Вучевиќ и рече дека доколку не се формира нова влада, парламентарните избори во Србија би можеле да се одржат на почетокот на јуни, јавува агенцијата „Anadolu“.
Тој нагласи дека ќе има нови избори доколку не се формира Влада во предвидениот рок.
Вучевиќ поднесе оставка од функцијата премиер на 28-ми јануари, поради блокадите и протестите низ Србија по смртта на 15 лица во уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на почетокот на ноември.
Истакна дека е горд на економските успеси на неговата влада, но дека трагедијата што се случи на 1 ноември во Нови Сад фрлила сенка врз нив.
Несреќата во Нови Сад предизвика големи протести кои кулминираа со големиот протест во саботата. Истражувањето на јавното мислење спроведено за српската влада, до кое имал пристап „Фајненшл тајмс“, покажа дека поддршката за претседателот Вучиќ значително опаднала и дека само една третина од испитаниците му веруваат, додека 55 отсто немаат доверба.
15-те загинати во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година беше поводот за почеток на бранот протести кој трае повеќе од четири месеци.
Н.П.