Во тензична атмосфера, со камења, петарди, шишиња и солзавец помина протестот во Србија под слоганот „Се гледаме на Видовден“. Властите приведоа демонстранти, има повредени. „При нарушувањето на јавниот ред и мир повредени се 48 полициски службеници. Еден од нив има тешки телесни повреди, повреда на главата, најверојатно од камен фрлен кон полицијата. Од овој непријавен јавен собир, приведени се 77 лица, од кои едно лице е малолетно. Задржани се 38, а против 35 ќе бидат поднесени кривични пријави, а прекршочни пријави против 26 лица. 22 граѓани се пријавиле за укажување на лекарска помош, од кои две лица добиле тешки телесни повреди“, изјави министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ. Српските власти ги повикаа сите засегнати страни да ги смират тензиите и да се однесуваат одговорно. -Не можете да ја победите Србија со насилство, Србија никогаш нема да запре, рече претседателот Александар Вучиќ. Седум месеци трае теророт, делата на луѓето кои го зедоа законот во свои раце, го фрлија под нозе. Синоќешната порака, имате зелено светло е директен повик за граѓански судири и напади на полицијата. Од Јавното обвинителство бараме да си ја работи својата работа, да не се прават наивни. Нема да потпишам кој било вид помилување за оние што 500 пати ги предупредивме да не учествуваат во насилствата“, истакна Вучиќ. Големиот собир во Белград против него беше свикан за да се поддржи барањето за предвремени парламентарни избори.
Блокадите продолжуваат, а утрово гледаме и како полициски комбиња пробуваат да прегазат граѓани среде Белград. Дел од тамошната експертска јавност смета дека „режимот“ во Србија се обиде да ги потисне протестите со зголемена репресија. За познавачот на состојбите, Марко Матиќ, ова доведе до нова динамика на протестот и примена на нова тактика од страна на учесниците во протестот, што претставува голем предизвик за Владата на Вучиќ и која неговиот, како што вели, репресивен апарат може да доведе до исцрпеност и целосна имплозија.
Според него, залетувањата на полициски возила во групи демонстранти навистина претставуваат сцени што се гледаа на улиците на Белорусија во претходните години кога тамошниот претседател Лукашенко се справуваше со граѓаните и опозицијата во неговата земја.

Марко Матиќ
-Тие се одраз на неспособноста на режимот успешно да го потисне граѓанскиот бунт што доби нови размери и ги расипа пофалбите на српските лидери за победата над студентите. Сепак, зголемената репресија лесно може да доведе до нови проблеми за режимот, што би се одразило во реакциите на ЕУ и меѓународната заедница. Во оваа смисла, Вучиќ тешко може да смета на поддршката од Русија, со оглед на тоа што голем број проруски групи учествуваат во протестите и дека Москва има интерес и да го ослаби Вучиќ за полесно да го контролира, смета Матиќ во разговор за „Локално“.
Соговорникот оценува дека поделбата на народот тешко може да се нарече успех на една влада.
-Дури и во оние случаи кога поделбите ѝ одговараат на владата и ѝ го продолжуваат животниот век, тие секогаш ја затвораат вратата за мирен премин на власта. Овој вид политика ја издигнува борбата за власт на ниво на борба на живот и смрт во која порано или подоцна власта секогаш губи, а нејзините актери ја плаќаат најстрашната можна цена, вели аналитичарот и додава дека мирна промена на власта во Србија е можна, што го потврдуваат искуствата на Црна Гора и Македонија. Сепак, тврди дека за тоа е потребно поголемо учество на ЕУ, пред сè во однос на притисок врз „режимот“ за овозможување фер услови за избори и таква реформа на политичкиот систем што би овозможила слободен натпревар на политичките идеи. Во такви услови, потенцира Матиќ, во моментот кога ќе ја изгуби мнозинската поддршка на изборите, „режимот“ ќе биде принуден мирно да се повлече.
Аналитичарот вели дека засега можеме да зборуваме за новата динамика на протестите во Србија, кои не мора нужно да водат до радикализација.
-Она што е опасно е што, во чувство на немоќ, режимот посегнува по отворена репресија, што би можело да предизвика порадикални одговори од граѓаните што протестираат. Многу подобра опција би била Владата да најде начин да започне дијалог со бунтовниот дел од општеството со цел да се постигне договор за датумот на изборите и условите за редовни избори, подвлекува Матиќ.
За српскиот политички аналитичар Жељко Ињац, бунтот против Вучиќ покажа упорност. Потенцира дека организацијата и координацијата се врвни.
-Двете страни покажаа виталност и студентското движење и режимот. Проблемот е во идеите. Сите идеи се потрошени, сега останува само радикализација на протестите и директна конфронтација, односно конфликти, што најверојатно му одговара на режимот. Фактот дека нешто ќе се нарече „белоруски методи“ не значи дека не е прифатливо на политичкиот Запад, кој применува многу поостри методи во сузбивањето на протестите од режимот на Вучиќ, вели Ињац во разговор за „Локално“.

Жељко Ињац
Соговорникот од Србија жали што народот е секогаш политички поделен.
-Вучиќ не им е потребен за тоа. Србите, особено, се склони кон остри поделби. Најголемиот успех на Вучиќ е што толку долго ја држи власта во Србија која е склона кон секакви поделби. Мнозинството од луѓето не се навистина заинтересирани за политика. Приближно ¼ се за и ¼ се против Вучиќ, а половина од луѓето бараат начини да ги избегнат блокадите во сообраќајот и да најдат работа без да мора да се приклучат на владејачката партија, тврди аналитичарот.
Ињац потсетува дека мандатот на Вучиќ истекува за две години, но, никој од политичкиот Запад не врши притисок врз него да се повлече пред да му истече мандатот. Притисокот што Вучиќ моментално го доживува од студентските блокади и протести е нешто на што, констатира соговорникот, е навикнат уште од почетокот на неговото владеење.
-Сепак, секоја политичка фигура и секоја влада има свој мандат, па прашањето е како би се снашол Вучиќ, или поточно владејачката коалиција на изборите. А изборите се единствената можна опција за мирно заминување на Вучиќ од власт, анализира Ињац.
За аналитичарот, радикализацијата кај нашиот северен сосед, започна веднаш по падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Според него, политички определените граѓани се остро поделија, така што линијата на поделба често поминува низ семејствата и ги дели таткото од синот, братот од братот…
-Сепак, во споредба со претходните периоди од српската историја, засега сè е на ниво на перформанси. Но, дури и овие перформанси можат да ескалираат и да го доведат општеството до уште поголеми поделби, па дури и конфликти. Ова е сценарио што Србија мора да го избегне ако сака да преживее. Но, ова зависи од меѓусебната свест и одговорност и на режимот и на блокадите. Треба да ја имаме предвид и пошироката слика, моменталната геополитичка ситуација во светот, која е практично на работ на Трета светска војна и сериозна рецесија. Развојот на настаните во Србија во голема мера ќе зависи од понатамошниот развој на глобалната геополитичка ситуација, заклучува Ињац.

Српски специјалци на улиците низ Белград
Покрај Белград, беа блокирани сообраќајниците и во Ниш, Нови Сад, Крагуевац и во 20 поголеми градови. Беа бликрани и магистрални патишта, од Ужице кон Златибор.
Како што соопшти полицијата, во текот на ноќта, сите блокади во Белград беа отстранети, а повеќе лица беа приведени поради напад и навреди на полицијата и нарушување на јавниот ред. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како полицијата брутално во налет со возила ги напаѓа граѓаните што блокираа.
Блокади се најавени и за денес. Претпладнево беше повторно блокирано Панчево, Земун и Дорчол во Белград, по што истите беа разбиени, но граѓаните повторно се организираат и блокираат на други места по градот.
Н.П.