Српскиот аналитичар Матиќ за „Локално“: Снабдувањето на Украина со оружје е компензација за невоведувањето санкции против Русија

Захарова ја „пецна“ Србија која „си чува ас во ракавот“: Како српската јавност гледа на продажбата на оружје на Украина?

од Nikola Popovski
62 прегледи

Москва ги зеде предвид коментарите на српскиот претседател Александар Вучиќ за ревизијата на одредбите за српското воено производство по објавувањето на податоците од страна на Руската служба за надворешно разузнавање (СНР), потврди портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Ова следува откако прес-службата на СНР минатата недела објави дека српски воени компании ги снабдуваат Вооружените сили на Украина со муниција и покрај декларираната неутралност на Белград.

„И покрај „неутралноста“ декларирана од српските власти, српските воени компании продолжуваат да ја снабдуваат Украина со муниција. Параван за ова е шема што користи лажни сертификати на крајни корисници и земји-посредници. Зборувајќи за вторите, најчесто се споменуваат земјите од НАТО – Чешка, Полска и Бугарија“, нагласија тогаш руските разузнавачи. Коментирајќи ги обвинувањата од Русија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека приватно разговарал на темата со претседателот на Русија, Владимир Путин. Тој додаде дека е формирана комисија за да се испита веродостојноста на тие обвинувања. „Добивме јавни уверувања од раководството на српската држава дека ќе биде покрената ревизија на воено-техничката соработка на Белград со странски партнери со цел да се утврди измама со сертификати за крајни корисници. Претпоставуваме дека најавените мерки ќе овозможат навремено евидентирање и прекинување на сомнителните извозни трансакции и ќе спречат испраќање воени производи на погрешна адреса“, рече Захарова. Според неа, Русија е убедена дека „Србија е добро запознаена со сите ризици“.

За дел од српската јавност нема сомнение дека тамошната влада е свесна за хазардерските ризици од продажба на оружје и муниција на Украина, но јасно е дека ова е дел од пресметките пресметани за одржување на сегашната политика на четири столба. За познавачот на српските состојби, Марко Матиќ, ова очигледно е компензација за невоведувањето санкции против Русија, за официјален Белград за секој да има по некој ас во ракавот.

Марко Матиќ

-Токму невоведувањето санкции против Русија е главниот аргумент со кој српските власти ги уверуваат своите проруски гласачи дека се на вистинскиот пат, додека приказните за продажба на муниција на Украина се ставаат во втор план и најчесто се игнорираат од провладините медиуми, вели Матиќ во разговор за „Локално“.

Околу дилемата каде може Русија „да ја удри“ Србија по овие сознанија и дали се очекува дополнително влошување на односите, соговорникот вели дека Русија сигурно ќе одговори на овој предизвик од Белград. Според него, постојат многу индикатори дека Русија активно ги поддржува сегашните протести во Србија и покрај тврдењата на српските власти дека станува збор за „шарена револуција“.

-Овие тврдења се пресметани за да ги одвратат проруските граѓани од понатамошно учество во протестите. Впечатливо е што на протестите нема знамиња на ЕУ, додека се појавуваат безброј руски државни и воени знамиња. Исто така, голем број проруски групи, организации и поединци активно учествуваат или јавно ги поддржуваат протестите. Друга насока на дејствување на официјална Москва може да биде во насока на влошување на условите под кои ќе се склучи нов договор за гас со Србија, што би претставувало удар врз стратегијата за економски раст на официјален Белград, истакнува Матиќ.

Тој оценува дека продолжувањето на војната во Украина дополнително ја зголемува цената на српската неутралност и ја прави речиси неодржлива. Анализира дека маневарскиот простор на Белград за седење на повеќе столчиња е речиси целосно исцрпен, а за Србија е од витално значење мирот во Украина да биде склучен до крајот на летото. Во спротивно, Србија ќе биде принудена да донесува одлуки во речиси невозможни и неповолни услови за нејзината внатрешна стабилност.

Марија Захарова

-Ова е поткрепено со зголемените напори за отворање на преговарачкиот Кластер 3 и оживување на европскиот пат на земјата како единствен рационален избор и можно засолниште за официјален Белград во сегашните околности, кажува Матиќ.

Српскиот претседател се пофали и дека во ЕУ има повеќе пријатели, отколку опозицијата. Запрашан дали ќе видиме парадокс токму официјален Брисел да го спасува Вучиќ, аналитичарот оценува дека воздржаниот став на ЕУ во врска со протестите во Србија е јасен показател дека Брисел не ги гледа како прифатлива алтернатива и дека сè уште го гледа сегашниот режим како гарант на сите обврски преземени во име на Србија.

-Пред се, постојат обврски во врска со Косово и Босна и Херцеговина, но и снабдувањето со критични суровини, што го вклучува и проектот Јадар. Очигледниот недостаток на интерес на администрацијата на Трамп во регионот на Западен Балкан, што ја принудува Србија да склучува договори со постојните играчи во регионот, од кои сојузот со ЕУ е најповолен избор, придонесува за понатамошно зајакнување на врските меѓу Брисел и Белград, и покрај јавните контроверзии. Други актери се Русија, која не е во можност да обезбеди активно присуство во регионот, и Турција, чии интереси се дијаметрално спротивни на оние на Србија по голем број клучни регионални прашања, дециден е соговорникот од Србија.

Н.П.

Слични содржини