ССМ ќе поднесе амандман за зголемените плати на функционерите за 78%

од Nikola Popovski

Првиот човек на Сојузот на Синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов порача дека ќе поднесат амандман за зголемените плати на функционерите од 78%.

Ќе почекаме функционерите да се одважат и да бидат солидарни со работниците. Граѓаните и пензионерите очекуваат многу повеќе и одговорност од нив. Доколку не го направат тоа, ние како ССМ ќе поднесеме амандман. Видовме одлуките на Уставниот суд и те како се коментираат и заобиколуваат. Ќе го доставиме до сите пратенички групи во Собранието предлогот во кој ќе им укажеме на пратениците дека или ќе ја пресметуваат нивната плата по минималната до март 2025 година или ќе ги замрзнат нивните плати како што беше тоа направено со претходните измени на законот на ниво пред одлуката на Уставниот суд, која ќе се применува до март 2025 година, рече Трендафилов во емисијата „Клик плус“.

Трендафилов кажа дека продолжуваат разговорите за функционерите да се откажат од зголемувањето на платите.

Тој очекува од 1-ви септември да се почитува зголемувањето на платите во јавниот сектор согласно Колективниот договор.

Пред неколку месеци Уставниот суд укина одредба од Законот за плати за коефициентите на плати со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78 отсто. Одредбата за коефициентите на плати донесена во 2012 година пред Уставниот суд беше оспорена од адвокат. Со неа покрај функционерите во Владата се опфатени и пратениците, градоначалниците, судиите,…, и другите избрани и именувани функционери.

Слични содржини