ССМ: Министерот Бесими е должен да го спроведува и почитува законот што самиот си го донесе 

од Radmila Tasevska

Од ССМ велат дека министерот за финансии Фатмир Бесими е главната причина поради која 138.000 работници во јавниот сектор заедно со ССМ започнаа генерален штрајк во јавниот сектор токму поради лошите политики и тоа што работници не го добија усогласување на нивните плати кое им следува согласно Закон.

„Министерот за финансии Фатмир Бесими е главната причина поради која 138.000 работници во јавниот сектор заедно со ССМ започнаа генерален штрајк во јавниот сектор токму поради лошите политики и тоа што работници не го добија усогласување на нивните плати кое им следува согласно Закон, а за што во текот на утрешниот ден со почеток во 10 часот е првото рочиште пред Основниот граѓански суд Скопје, по тужбата на ССМ против државата односно Владата за дискриминацијата и неусогласување на платите во јавниот сектор согласно Закон.

Министерот Бесими од вчерашниот ден со бришење на одредбата за зголемување на плата што самиот ја донесе и ја бранеше, свесно прави кривично дело по член 166 од Кривичниот законик поради тоа што тој свесно не се придржува кон закон за платата и надоместоците на платата и со тоа повредува, одзема или ограничува право што на работникот му припаѓа.

Дали Фатмир Бесими треба да раководи со Министерството за финансии, особено ако пред два дена на јавен настан на Владата го бранеше зголемување на платите за да го задржи кадарот во министерството, па со вчерашните случувања веројатно истиот тој кадар не му е потребен, што произлегува дека брка од работа повеќе од 650 вработени во министерството за финансии и на своја рака прави упад во правниот поредок на државата и пременување на законите.

Шест месеци укажуваме дека односот на одредени владини функционери е недостоен и недостоинствен кон работниците, а Владата како награда кон таквите министри дополнително им дава надлежности кои се спротивни на Закон и меѓународни документи како на министерот за финансии Бесими да не дозволува потпишување на ниту еден колективен договор, а токму поради непотпишување на колективните договори сме доведени во состојба Бесими мислењето да го менува од денес за утре, што произлегува дека којшто сака и како сака прави во Владата, а Владата потоа го спасува во услови кога ќе произлезе проблем од таквото однесување.

Министрите спротивно на закон самите одлучуваат и бираат дали ги спроведуваат одредбите закони и дали одредени членови ќе ги применуваат или не, па така на своја рака одлучија дека членот 8 од Законот за минималната плата за усогласување на платите некаде ќе го спроведуваат, а некаде нема, а сега иако донесоа Закон за буџети за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии за 30%, сега одлучуваат да не го почитуваат и да не го спроведуваат законот, па Владата наместо да го следи добриот пример и за сите работници во јавниот сектор да ги зголеми платите, со вчерашниот чин таа сака да им скрати и да земе од работниците и од нивните плати.

Ваквите случувања на самоволие и самовластие на овој министер коишто продолжуваат и понатаму треба да бидат доволен аргумент за основаноста на тужбата на ССМ и апелираме судот со своја одлука да стави крај на ваквото самовластие и самоволие на одредени министри како министерот за финансии Бесими и да престане атакот врз работниците и правниот поредок и судот да овозможи заштита на правната сигурност“, стои во соопштението на ССМ.

Слични содржини