Стафилококно труење со храна: Кои намирници се најризични?

од Stefanija Kuzmanovska

Staphylococcus aureus е бактерија која може да предизвика болест под одредени околности.

Staphylococcus aureus е бактерија која најчесто се населува на кожата и мукозната мембрана на носот кај здрави луѓе. Оваа бактерија може да предизвика болест под одредени околности. Меѓу другото, Staphylococcus aureus произведува токсини кои можат да доведат до труење со храна.

Контаминација на храната со стафилокока и токсини се јавува при складирање, преработка, подготовка или дистрибуција. Најчесто се јавува преку рацете на луѓето кои подготвуваат храна и преку приборот за подготовка на храна, како што се ножеви, даски за сечење, садови во кои се чува храната.

Услови кои влијаат на производството на токсини во храната контаминирана со стафилокока:

– несоодветно складирање на храната по подготовката

– подготовка на храна долго пред консумирање

– недоволно зготвена или загреана храна

– продолжено загревање на ринглите при послужување на храната.

Труење со стафилокока може да се случи спорадично, во домашни услови и епидемиски, по консумирање храна во угостителски објекти, стои на веб-страницата на Градскиот завод за јавно здравје.

Епидемиите се најчести во лето, кога температурите се високи и храната не се чува правилно. Најризични намирници се меленото месо, пудинг, сладолед, сендвичи.

Труењето со храна предизвикано од стафилококни токсини се карактеризира со краток период на инкубација до осум часа, тешка мачнина, повраќање и дијареа, без појава на покачена телесна температура.

Болеста е обично блага, а закрепнувањето се случува во рок од еден до три дена. Третманот се состои од надокнадување на течности, антиспазмодични лекови и одмор.

Превенција:

– лицата кои ракуваат со храната за време на подготовката и дистрибуцијата (готвачи, келнери) мора да се придржуваат до општите хигиенски мерки за да се спречи контаминација на храната

– темелно миење на рацете, особено под и околу ноктите, со сапун и проточна вода пред да започнете со работа со храна

– не учествувајте во подготовката на храната доколку имате рани или инфекции на кожата на рацете

– чувајте ги работните површини и приборот за подготовка на храна чисти

– доколку храната нема да се консумира во рок од два часа од подготовката, чувајте ја на температура над 60 степени Целзиусови или под пет Целзиусови степени.

Слични содржини