Во пораст е бројот на новозаболени лица во земјава. Вчера беа регистрирани над 900 нови лица, а починаа 16 лица по компликации со ковид 19.
Вчеравечер започна и новиот полициски час во земјава. Низ улиците во главниот град можеа да се забележат по некое полициско возило, такси-возачи, а отворени беа само аптеките.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во изјава за медиумите веднаш по стапување во сила на полицискиот час, апелираше граѓаните да ја почитуваат забраната за движење.
„За оние кои не почитуваат ќе има прекршочни и кривични санкции. Очекувам, како што започнавме оваа вечер, заеднички да придонесеме наредните денови да имаме стабилизација на состојбата, зачувување на здравствениот систем. Убеден сум дека ќе ја добиеме оваа битка.. Контролите се подеднакво на целата територија на Република Северна Македонија, не сакам да влегуваме во поделби оти битката со вирусот не познава ниту вера, ниту нација, таа е опасност за сите нас“,кажа Спасовски.
Одлуката за забрана за движење по 22 часот вчера ја донесе Владата на предлог од Комисијата за заразни болести. Со оваа рестриктивна мерка се очекува дека ќе се намали бројот на заболени и хоспитализирани лица.
Ограниченото движење нема да важи на оние граѓани кои имаат потреба од итна медицинска помош, за економските оператори чија работа е 24 часовна, за патниците кои доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, како и за транспортерите на лица и на стока.
Досега во земјата се направени вкупно 551.917 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 109.262 , бројката на оздравени пациенти е 96.173, на починати е 3.244, а бројот на активни случаи изнесува 9.845 .