Стапуваат во сила уредбите на Владата: Помош за приватниот сектор со минимална плата или субвенции на придонеси

од Берта Китинска
244 прегледи

Стапуваат во сила уредбите на Владата со кои се овозможува директна финансиска помош со исплата на плата од 14.500 денари за април и мај, мерка со која може да бидат опфатени околу 250 илјади вработени и 35 илјади компании, дел од вториот пакет за помош од Владата.

Алтернатива на оваа мерка е покривање на 50 отсто од придонесите за вработените. Со неа се очекува да бидат опфатени околу 20 проценти од осигурениците и за субвенционирање на нивните придонеси за двата месеца се потребни 568.690.000 денари. Минимална плата од 14.500 денари добиваат и занаетчиите, за кои испатата ќе се врши преку трансакциска сметка.

-Со овие мерки државата ги спасува работните места на граѓаните. Донесовме уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид – 19 со што и практично стапуваат на сила сите одредби за сеопфатна директна финансиска поддршка на работодавачите со средства кои се наменети за зачувување на работните места и за помош на работниците, рече вчера на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски.

Тој тврди дека нема драстични отпуштања од работа, а на работниците им порача дека државата помага да се зачуваат нивните ратни места но и тие треба да се вклучат во тоа и да не потпишуваат спогодбени откази. Воедно, работодавачите да покажат солидарност и да понесат дел од товарот затоа што и после кризата сите заедно треба да ја продолжат економската активност на државата. Наместо секој да калкулира и да гледа да добие нешто од кризата, треба да настапува обратно да знае дека нешто мора и да се изгуби, укажа Спасовски, порачувајќи им и на банките дека Владата очекува да бидат солидарни не гледајќи го само својот интерес и профит при промената на условите за кредитите на граѓаните и фирмите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторно апелираше веднаш да се направи нов план на сеопфатни мерки за помош на стопанството, затоа што, како што рече на прес-конференција Владимир Нелоски, член на ИК на партијата, овие мерки се недоречени и рестриктивни, и само ќе ја зголемат дупката во Буџетот.

-Апелираме да ја надминат својата суета и надменост и да ги прифатат мерките на ВМРО-ДПМНЕ за национален спас. Владата под итно да покрие 50 проценти од платите на работниците. Не смее да се земаат пари од оние кои немаат. Власта да ги скрати непродуктивните трошења кај сите буџетски корисници и средствата да се пренасочат за здравството.Реализацијата на капитални инвестиции не смее да запре. Сите планирани инвестиции да се реализираат, со цел да се помогне на индустријата и градежништвото, предложи ВМРО-ДПМНЕ.

Последиците од кризата, покрај во туристичкиот, угостителскиот, транспортниот сектор, занаетчиството, веќе има и во градежниот сектор од каде вчера објавија дека стравуваат оти веќе месецов би имале проблем со ликвидноста, како и дека за брзо време градежништвото може да биде дел од најзасегнатите сектори.

Во вакви околности, компаниите од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија ги ставаат на услуга на државата целокупните капацитети, подготвени за целосен ангажман и секојдневно искористување на нивните капацитети. Ги понудат на располагање на државата целокупните нивни оперативни капацитети, опрема и механизација.

Светската историја покажала дека во вакви големи економски кризи преку реализација на големи инфраструктурни проекти градежниот сектор многу придонел за повторно заживување на економијата. Затоа, не треба да се кратат капиталните инвестиции што се проектирани во буџетот, ако и се однесуваат на инфраструктурни проекти и тие проекти треба да се реализираат, изјави Зоран Јовановски, член на УО во Стопанската комора на Македонија.

Конфедерацијата на слободни синдикати и Македонското здружение за заштита при работа, пак, вчера испратија предлог до Владата деновите од 4 до 20 април да бидат неработни за да не се рашири заразата поради очекуваниот пик на пандемијата кон средината на април. Платите за дневници за вработените во тој период би биле на товар на Владата, а фирмите што се уште се ликвидни тој товар би го понеле сами во знак на солидарност, предложија КСС и МЗЗПР.

Како што објави претходно министерката за финансии Нина Ангеловска, државата подготви три сценарија за справување со последиците предизвикани од коронавирусот во економијата. Основните сценарија – поволно, неповолно и најнеповолно, предвидуваат пад на вкупните приходи од 20 отсто до 40 отсто на консолидираниот буџет во однос на планот, односно од најмалку 700 милиони до 1,3 милијарди евра. За секое од трите сценарија, како што рече Ангеловска, се подготвуваат и планови за финансирање.

Слични содржини