Британскиот премиер Кир Стармер потврди дека по разговорите со Володимир Зеленски, Доналд Трамп и Емануел Макрон, постигнат е договор според кој Обединетото Кралство, Франција и „веројатно уште една или две земји“ ќе работат заедно со Украина на план за запирање на војната.
Тој план, најави Стармер, наскоро ќе им биде претставен на САД и неговата цел е да ги смири тензиите, но и дека цели да најде начин за сите да соработуваат.
„Конечно, три години крвава војна се зад нас. Сега мораме да постигнеме траен мир“, рече тој.
Тој се потсети и на судирот меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба, кој предизвика бурни реакции.
„Да, ми беше непријатно. Никој не сака да го гледа тоа“, истакна Стармер додавајќи дека во таа ситуација решил да преземе конкретни чекори наместо да ја интензивира реториката.
„Ги засукав ракавите, разговарав со претседателот Трамп, разговарав со претседателот Зеленски, потоа му бев домаќин на Зеленски на сеопфатен состанок, а потоа повторно разговарав со претседателот Макрон и претседателот Трамп“, додаде Стармер.
Премиерот истакна дека им верува и на Зеленски и на Трамп, а нема доверба во рускиот претседател Владимир Путин.
„Не му верувам на Путин, убеден сум дека тој повторно би нападнал доколку му се укаже шанса“, рече Стармер, нагласувајќи дека затоа е клучно да се обезбедат безбедни гаранции за Украина.
Запрашан дали Зеленски „направил нешто лошо“, Стармер нагласи дека не направил и го пофали за неговото храбро раководење со земјата во воени услови. Иако Трамп често испраќа остри пораки и покажува дистанца кон Зеленски, Стармер верува дека Трамп сепак сака траен мир во Украина.
Според Стармер, трајниот мир вклучува американска поддршка за Украина, безбедносни гаранции од европските држави и силна Украина која ќе биде доволно опремена да се брани од новата руска агресија.