Стартапите се иднината на македонската економија, но потребна е соработка и со институциите

од Vladimir Zorba

Како дел од првиот ден од Глобалната недела на претприемништвото се одржа виртуелен панел „Лобирање за политки за развој на националниот стартапекосистем – најдобри примери и следни чекори“, на кој учествуваа Коста Петров, директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Татјана Марковска, претставничка на Светска Банка во земјава, Нина Николиќ и Игор Маџов ко-основачите на Стартап Македонија како и Амбасадорите на САД и Швајцарија. Целта на оваа панел дискусија беше подобро разбирање на овие бизнис модели, предлози и начини за поефикасно финансирање и работење како и елиминација на досегашните пречки за полесно функционирање и секако подобрување на соработката со институциите во државата како и поголема поддршка за ваквите бизнис модели.

– Државата има добра стратегија за малите и средните претпријатија, но сепак треба да се направи разлика меѓу нив и стартапите за да може и тие да учествуваат во процесот на донесување на одлуки. Моја лична цел е да создадеме глобален производ кој доаѓа од Македонија, да започне иницијатива за стартап совет со претставници запознаени со технологија, финансиски експерти, претставници од асоцијации. Исто така да се креира можност за аплицирање за Online виза за дигитални номади, каде ќе ги покануваме луѓето од целиот свет да дојдат и да живеат во Македонија бидејќи квалитетот на живот е подобар од други европски градови, како и креирање на иновациски хабови, посочи директорот на ФИТР, Коста Петров.

Своја поддршка дадоа и поранешниот директор на ФИТР Јован Деспотовски, амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнс и амбасадорката нa Швајцарија, Сибил Зутер.

– Продолжуваме да им помагаме на претставниците на екосистемот во креирањето на интензивна дискусија со цел да се создадат политики за благопријатна атмосфера за стартапи, истакна Брнс.

– Природата на екосистемот е комплицирана. Па затоа сум среќна што гледам дека претставници на екосистемот се седнати на иста маса со крeаторите на политики бидејќи самата комплицираност на екосистемот наложува да има комуникација помеѓу оние кои го градат екосистемот и креаторите на политики. Со самиот факт што во 2018 ГНП имаше само еден настан, додека 3 години подоцна неделата брои 44 настани, што е за поздрав, потенцираше Зутер.

За Taтјана Марковска, претставник на Групацијата Светска Банка во Македонија иновациите и стартапите ќе го спречат одливот на мозоци и секако иновативните компании се поотворени за извоз.

-Од економски гледен аспект грантовите кои се користат во овие компании се попривлечни од формални удели, тие се иднина на економијата, па на тој начин се овозможува поголема контрола врз начинот на работа на бизнисот во споредба со класичните компании, вели таа.

Според Марковска менаџерите на приватните фондови носат знаење од конкретни индустрии, а имаат социјален капитал и можат да отворат врати до различни пазари, но треба да се направи транзиција од достапност на грантови за што секако се потребни приватни инвеститори .

– Не бидете ограничени од предизвиците туку предизвикајте ги ограничувањата, голема привилегијата за нас е да учествуваме во процесот на создавање на подобни услови со цел да ги поттикнеме идните и активните стартапи како и домашните иновативни претприемачи. Работиме на нешто од исклучителна важност и за првпат во нашата земја изработуваме стратегија за помош на стартапи, ја изрази својата поддршка Фатимир Бетиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања.

Според Нина Николиќ, ко-основач на Стартап Македонија, најчесто кога се спомнува зборот влада асоцира на бирократија што претставува долг процес и затворени врати.

– Преку овие процеси треба да научиме дека секој може да биде претприемач, па затоа треба да започнеме заедно да работиме на погледот и начинот на кој го разбираме претприемништвото, во приватниот и јавниот сектор. Проба и грешка одат заедно, процес познат како пивотирање, да пробуваме нови работи, така го запознаеме пазарот и на тој начин ќе можеме да ги подобриме работите . Ќе лобираме и да ја вклучиме македонската дијаспора, да соработуваат со нашите стартапи, како ментори и за пристап на нови пазари, со надеж дека дел од нив ќе се охрабрат и да инвестираат понатака, порача таа.

За Игор Маџов, пограмскиот директор на Стартап Македонија, квалитетното образование е најважно за да се разберат очекувањата на сите страни и клуч за развој на претприемништвото .

-Стартап заедницата има потреба од владина помош но оваа помош треба да биде навремена и брза, а партнерите треба соодветно да реагираат на истата. Да се воспостават и формално правни можности за одобрување дигитални потписи со цел да се направи бизнисот подобар, вели тој.

– Подобрување на регулативата кон креирање на подобра клима за развој на стартап е одклучно значење за националниот стартап екосистем, додаде за крај Дејан Алексов претседател на Стартап Македонија.

Целиот панел може да го проследите на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=gqqGC970ua8&t=2911s

loading...

Слични содржини