САД би можеле да ја завршат воената операција против Иран во рок од две до три недели, изјави шефот на Белата Куќа, Доналд Трамп. За Ормутскиот теснец, кој Исламската Република го блокираше, Трамп вели дека повеќе не е негов проблем. Тој повторно во негов манир го стави под знак прашање членството на Америка во НАТО, оценувајќи ја Алијансата како „хартиен тигар“. Во интервју за британскиот „Телеграф“, Трамп изјави дека по завршувањето на војната со Иран „речиси и да нема дилема“ дека ќе мора да се преиспита американското присуство во НАТО. Toj се судира со европските сојузници од НАТО од самиот почеток на војната и ги критикува што не им помагаат на САД, особено околу обезбедувањето на Ормускиот Теснец. „Никогаш не сум бил уверен во НАТО. Отсекогаш сум знаел дека е тигар од хартија, и Путин добро го знае тоа“, рече Трамп.
Дали НАТО е мртов по ваквите пораки од најголемата светска и воена сила? За дел од експертите, околностите кои ќе ги детерминираат идните одлуки околу хомогеноста на НАТО стануваат се покомплицирани бидејќи постои се поголема дискрапанца во однос на надворешната и геополитичката стратегија на ЕУ и САД. Според, политикологот и воено-безбедносен аналитичар, Милан Стефановски, администрацијата на Трамп и стратегијата на САД не се поклопуваат со стратешките погледи на ЕУ во смисла на светскиот, економскиот и енергетскиот поредок. Како што вели, оттаму е и стравот дека внатре во НАТО ќе се јавуваат пукнатини.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/The White House
-Еклатантен пример е актуелниот конфликт помеѓу САД, Израел и Иран. Без разлика дали САД ќе ја ревидираат активната улога во НАТО во смисла на финансирање и одлуки, НАТО не е проектиран да биде мртов, туку напротив, НАТО мора да има еластичен систем на носење на одлуки, дури и ако САД одлучат да дејствуваат поинаку. Светот се менува со светлосна брзина, системот на НАТО ќе мора да ги следи тие промени и да се прилагоди на новиот светски безбедносен поредок, вели Стефановски за „Локално“.
Соговорникот оценува дека НАТО со своите 32 земји членки мора да изгради систем каде што нема да зависи од волјата на една, две или три земји членки. Сепак, додава, стратешките интереси на воената алијанса треба да бидат проектирани без разлика на политичките и идеолошките предизвици внатре во земјите.
-И, секако безусловна одбрана и не е така безусловна ако се земе предвид фактот како се активира Членот 5. Тој постои доколку една земја членка на НАТО биде нападната. Во тој случај безусловна е одбраната од сите земји членки, но во однос на одлуки, финансии, тоа е сосема друг контекст. Она што го прави САД и Израел во Иран како воена операција за елиминирање на екстремна опасност по глобалната безбедност нема врска со Членот 5, тврди аналитичарот.
Во анализата, Стефановски истакнува дека САД тежнеат да ги успорат глобалните аспирации на Кина и Русија во прв слој, и секако регионалните аспирации на Иран, Индија итн. Во тој контекст моќ преку сила е стратегија на САД.
-Политиките кои ги димензионираат САД се обемни и динамични и мора да одговорат на брзите одлуки на Кина и Русија. ЕУ е многу спор и бирократски апарат, додека Кина и Русија имаат одлуки кои се заосноваат на нивните политички ситеми и се унифицирани и многу брзи. Тоа е сериозен предизивик, затоа сојузниците во ЕУ и НАТО мораат да ја моделираат и сихронизираат својата политика. Реалноста говори дека САД во моментов бараат од сојузниците да ги следат без пардон нивните интересите со заддршка дека САД се оние кои плаќаат за се. Одговорот на ова е дека сите земји кои се во НАТО да ја делат одговорноста во смисла на финансирање и иновации во воено индустрискиот комплекс, нагласува аналитичарот.
Тој не очекува дека САД под Трамп ќе излезат од најголемиот воен сојуз, но, очекува дека можеби САД ќе замрзнат дел од финансиите. Сепак, потенцира дека доколку изградиме претпоставка дека САД ќе го напуштат НАТО, тоа ќе биде голем удар врз западната одбранбена доминација. Според него, најсреќни ќе бидат Кина и Русија и сите ретроградни и авторитативни системи, а демократските земји ќе бидат пред предизвик.
Запрашан дали Европа ќе се соочи со императивот за зајакнување на сопствената стратешка автономија, или поточно, преку создавање еден вид „втор столб“ во рамките на НАТО, соговорникот смета дека подолг период се заговара во рамките на ЕУ формирање на ад хок европска армија со заедничка надворешна- безбедносна политика. Вели дека во перспектива овој механизам ќе мора да профункционира.
„Се поставува прашањето дали ќе се преклопуваат надлежностите со НАТО, предизвикот околу буџетот, но и погледите кон геополитичката реалност. Ако ЕУ сака да биде геополитичка сила, тогаш таа мора да има свое одбранбени капацитети, развиен военоиндустриски комплекс итн…“, порачува Стефановски, додавајќи како ЕУ и водечките земји во неа стануваат се посвесни дека доаѓа времето каде што ќе носат самостојни одлуки без постојан приклучок на САД.

Фото: Фејсбук/НАТО
Еден од основните столбови на НАТО е обврската за заеднички одговор во случај на напад – член 5. Но актуелниот конфликт со Иран, започнат од САД и Израел, не е опфатен со тој механизам на колективна одбрана. Членките на НАТО се двоумеа дали да распоредат воени средства за повторно отворање на Ормутскиот теснец, клучен пат за превоз на нафта што Иран ефикасно го затвори откако беше нападнат од САД и Израел.
Портпаролот на германската влада денес ја потврдил посветеноста на Берлин кон членството во НАТО, по изјавите на американскиот претседател. „Ова не е прв пат тој да го прави тоа, а бидејќи се повторува, веројатно можете сами да ги процените последиците. Не е моја работа да ги коментирам зборовите на американскиот претседател. Сакам да кажам во име на германската влада дека сме посветени на НАТО“, рекол портпаролот, пренесува Ројтерс.
Н.П.