Суштината на случувањата во Србија и финалето на било кој митинг наговестуваат можни радикални и насилни протести од страна на демонстрантите, инаку не би се карактеризирале како финален протест или “денот Д”, изјави за “Локално” политикологот и политички аналитичар Милан Стефановски. Според него, протестите бележат намалување на масовноста и дека, како последен обид за одржување на протестната енергија, постојат претпоставки за можна радикализација. Тој додаде дека веќе извесен период протестите имаат опаѓачки тренд, што отвора простор за можни обиди да се радикализираат како последен начин за задржување на вниманието.
„Тоа е суштината на случувањата таму. Финалето на било кој митинг наговестува можни радикални и насилни потези на протестантите, инаку не би се карактеризирал како ‘денот Д’ или финален, затоа што, според нив, таа енергија мора да кулминира, во спротивно ќе опаѓа. Веќе извесен период протестите во Србија имаат надолен тренд. Затоа, како последна опција, се градат претпоставки за можни радикални и насилни протести проследени со различни барања“, изјави Стефановски.
Стефановски смета дека актуелните протести во Србија носат препознатлив модел на надворешно влијание, слично на сценаријата што се случија во Грузија, Украина и Македонија. Тој нагласува дека Србија има внатрешни проблеми, како политички замор и корупција, кои создаваат плодна почва за делување на различни агентури, домашни и странски. Сепак, потенцира дека протестите може да продолжат, но нивниот конечен исход е неизвесен, особено без значајна меѓународна поддршка.
„Секако дека ракописот на странските центри на моќ се препознава и на овие протести. Веќе видени сценарија од Грузија, Украина, Македонија итн. Тој ракопис е препознатлив и има британско мастило, бидејќи постојат држави кои не гледаат со добар диоптер на промената на американската надворешна политика кон ЕУ и Русија. Но, Србија оддалеку не е совршена. Таму постои замор од некои политички фактори, корупција итн., што создава плодна почва за делување на странски и домашни агентури. Реално, овие протести немаат поддршка од институциите на ЕУ и актуелната политика на САД, што ги осудува на неуспех“, изјави Стефановски.
Стефановски смета дека Вашингтон е свесен за геополитичката улога на Србија во регионот, особено во однос на Црна Гора, Република Српска и нејзините односи со Унгарија. Според него, САД ја перципираат Србија како држава што може да има клучна улога во стабилноста на Балканот. Ваквите дипломатски потези треба да се читаат како недвосмислена и јасна поддршка за актуелната политика на српскиот претседател, особено во контекст на можни немири што би можеле да ги загрозат американските интереси во Србија и пошироко на Балканот.
„САД знаат дека во периметарот на влијанието на Србија на Балканот се неколку држави, како Црна Гора и Република Српска во БиХ. Србија има одлични врски со Унгарија. САД ја перципираат Србија како држава што можеби е клучна за стабилноста на Балканот. Затоа Трамп го прати писмото за поддршка до Вучиќ во пресрет на протестите, а вчера постариот син на Доналд Трамп оствари средба со Вучиќ. Во дипломатијата тоа се чита како недвосмислена и јасна поддршка на претседателот на Србија и неговата актуелна политика, особено во пресрет на можни немири кои би ги загрозиле американските интереси во Србија или на Балканот“, изјави Стефановски.
На прашањето дали евентуални немири во Србија би можеле да се „прелеат“ во други земји од регионот, како Република Српска, Стефановски смета дека времето на „шарени револуции“ и политички преврати во суверени држави е завршено, бидејќи тие не донесоа просперитет во општествата каде што беа спроведени. Според него, обидите за дестабилизација се присутни и денес, вклучително и во Република Српска, но верува дека состојбата таму ќе се стабилизира. Како пример за такви провокации ја посочи и последната одлука на судот во БиХ. Стефановски заклучи дека неолибералната политичка идеологија како концепт веќе е потрошена, иако сè уште опстојува во некои европски земји.

Милан Стефановски
„Не. Времето на ‘шарени револуции’ и политички преврати во суверени држави заврши. Впрочем, по секоја ‘шарена револуција’ во кое било општество, таму веќе нема просперитет. Тој модел на наметнување туѓи интереси преку таква технологија не донесе никаков пример за просперитет на граѓаните. И во Република Српска состојбата ќе се стабилизира. Одлуката на судот во БиХ е обид за провокација. Такви обиди има и во неколку земји во Европа, најизразени во Романија. Сепак, тоа се обиди на остатоци од центри на моќ кои не можат да ја прифатат новата геополитичка реалност. Неолибералната политичка идеологија како концепт веќе е потрошена, иако сè уште опстојува во некои земји во Европа“, изјави Стефановски.
Политикологот и политичкиот аналитичар смета дека евентуалната промена на српскиот претседател Александар Вучиќ може да се случи исклучиво преку демократски и слободни избори. Стефановски нагласи дека Србија функционира како претседателски систем со јасни надлежности, особено во однос на безбедносните служби.
„Србија не може да се ослободи од Вучиќ. Од него можат да се ослободат само граѓаните на демократски и слободни избори. Вучиќ можеа да го сменат санкциите на ЕУ, кои ги немаше, или црните листи на САД, кои исто така ги немаше како механизми на притисок. Србија има сериозни полициски капацитети кои можат да гарантираат јавен ред и мир, како и заштита на уставниот поредок, и нема да има потреба од вклучување на војската“, завршува Стефановски.
Д.Ѓ