Стејт департмент: Американските граѓани да не патуваат во Косово и БиХ поради зголемен ризик од тероризам

од Vladimir Zorba
81 прегледи

   Американскиот Стејт департмент денес објави обновенo предупредување до американските граѓани кои патуваат во странство.

На интерактивна карта поместена на веб-сајтот на Стејт департментот, сите земји се поделени во четири категории. Нашите најблиски соседи како Косово и Босна и Херцеговина се ставени во втора категорија.

Во објаснувањето што го доби дописникот на МИА во Вашингтон, стои дека во земјите од втора категорија постои ризик од нарушена безбедносната ситуација и се препорачува особена внимателност и будност при патување во овие земји.

Во предупредувањето за патување во Косово се советува особена внимателост поради зголемен ризик од можен тероризам.

– Во некои градови и села како Северна Митровица, Лепосавич, Зубин Поток и Звечан можни се граѓански немири, се вели во предупредувањето.

Понатаму, истакнато е дека терористички групи од Косово и Босна и Херцеговина подготвуваат можни напади во регионот на Балканот.

– Терористи можат да извршат напад без предупредување. Нивна цел се туристички локации, пазари и шопинг центри, локални владини установи, хотели, клубови, религиозни места, паркови или големи спортски и култuрни настани, се вели во предупредувањето.

За Босна, покрај за тероризам, важи предупредување и за нагазни мини, и се наброени истите точки каде терористи би можеле да извршат напади.

Најзагрозени се земјите од трета и четврта категорија каде се проперачува преиспитување на патувањето и избегнување да се патува поради сериозен ризик во однос на безбедноста. Русија, на пример, е ставена во трета категорија. Патувања во регионот на северен Кавказ не се препорачани поради граѓански немири.

– Не патувајте на Крим поради странска окупација и злоупотреби од страна на окупантите, се вели во предупредувањето

Заменик помошникот на државниот секретар, Мишел Берние-Тот на специјален брифинг за новинарите во Стејт департментот укажа дека дел од земјите од четврта категорија се и  Авганистан, Централна Африканска Република, Ирак, Иран, Либија, Мали, Северна Кореја, Сомалија, Јужен Судан, Сирија и Јемен.

Во предупредувањето се прецизира дека условите во сите овие земји можат да се променат ненадејнао и на американските граѓани им се препорачува воопшто да не патуваат таму.

Македонија, како и нашите соседи Албанија, Србијa, Бугарија или Грција се ставени во прва категорија на земји каде условите за патување се нормални и ризикот по безбедноста е низок.