Сите родители на ученици со попреченост во општина Карпош, чии деца ќе бидат запишани во прво одделение во учебната 2021/2022 година ќе можат да аплицираат за месечна стипендија од 50 ЕУР во денарска противвредност. Основната цел е да се пружи поддршка на семејствата со деца со попреченост во надминување на трошоците поврзани со нивното школување.
Можност за пријавување имаат децата кои ги исполнуваат следните основни критериуми:
* Да се деца со попреченост кои во учебната 2021/2022 година се запишуваат во прво одделение,
* Да поседуваат документација за вид и степен на попреченост (Наод и мислење и/или Наод од стручно тело за проценка на функционирање, попреченост и здравје),
* Да се обврзат на редовно посетување на наставата, во зависност од индивидуалните можности и согласно препораките за безбедно посетување настава во услови на пандемијата КОВИД-19,
* Да не се корисници на било каква друга стипендија доделена од било која друга институција или компанија,
* На родителот/старателот кој аплицира во име на кандидатот за стипендија да не му е одземено родителското право.
Потребни документи кои треба да се приложат:
* Пријава за стипендија од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Пријавата можете да ја симнете на линкот: https://bit.ly/33nbiW9;
* Потврда од училиште за редовен ученик во прво одделение во учебната 2021/2022 година, со печат и потпис од училиштето;
* Документација за вид и степен на попреченост (Наод и мислење и/или Наод од стручно тело за проценка на функционирање, попреченост и здравје);
* Извод од Матичната книга на родени за ученикот.
Станува збор за јавен повик на фондацијата „Чекор по чекор“, во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, а во соработка со здруженијата „Инклузива“ и „Хандимак“. Исто така, овој повик е резултат на соработка и со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, а финансиски е поддржан и од Европската унија.