Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ оцени дека идејата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, целиот регион на Западен Балкан заедно да влезе во Европската Унија, е „спасувачко решение“ за земјите кои, како што вели, со години се изложени на континуирано условување и менување на целите.
„Предлогот на претседателот на Србија за колективен прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ би бил излез од оваа ситуација. Можеме да видиме дека дури ни Србија нема да се движи брзо, ја имаме Хрватска како членка која може да постави дополнителни барања, а на другите земји им се наметнуваат правила кои често одат под линијата на националното достоинство“, рекол Стоилковиќ за „Euronews Srbija“.
Зборувајќи за Преспанскиот договор, Стоилковиќ потсетил дека бил меѓу оние кои се спротивставиле на него и дека мнозинството граѓани на Македонија го делеле тој став во тоа време. Иако членството во НАТО е постигнато, очекувањата дека вратите на Европската Унија автоматски ќе се отворат не се исполнети.
„На граѓаните им беше ветено дека европската интеграција ќе продолжи без пречки по уставните измени. Наместо тоа, имаше економски пад и нови барања, пред сè од Бугарија, кои ги допираат најчувствителните прашања за идентитетот – јазикот, историјата и националниот идентитет“, изјавил Стоилковиќ.
Тој истакнал дека проблемот не е само во формалното вклучување на Бугарите во Уставот, туку и во документите и толкувањата што следат по тоа, кои, вели тој, директно го доведуваат во прашање постоењето на македонскиот јазик и нација. Затоа, додава тој, отпорот на граѓаните е сè поизразен, а довербата во европските ветувања е сериозно нарушена.
Во таква средина, односите во регионот добиваат дополнително значење. Стоилковиќ нагласува дека Македонија денес нема никакви отворени прашања со Србија, што тој го смета за еден од најпозитивните факти на Балканот.
„Имаме исклучително добри односи со Србија и ниту едно отворено прашање. Ова е голема предност, особено имајќи ја предвид геостратешката положба на Србија и нејзиното влијание во регионот. Токму затоа идеите за регионална соработка и заеднички европски пат се толку важни“, рече тој.
Според него, односите со Грција и Албанија се релативно релаксирани, додека односите со Бугарија се сè уште најпроблематични и оптоварени со политички тензии, кои се прелеваат и врз внатрешната стабилност на земјата. Инциденти како што е неодамнешниот вандализам врз бугарската амбасада во Скопјe, иако изолирани, покажуваат колку е напната атмосферата во општеството, смета вицепремиерот.
Стоилковиќ укажал дека без искрена регионална перспектива и јасна, заедничка европска понуда, земјите од Западен Балкан остануваат заглавени во процес на постојани отстапки без гаранции. Во овој контекст, иницијативата регионот заедно да влезе во Европската Унија, а воедно да ги зачува добрососедските односи какви што ги имаат Македонија и Србија, се смета за реален и достоинствен излез од долгогодишниот ќорсокак.