Стојков: Македонија не може да ги прифати апсурдните бугарски услови без да се самоуништи

од Nikola Popovski
680 прегледи

Пораката упатена од Радев предизборите во Бугарија е капитулирајте или нема да ве пуштиме. Македонија не може да ги прифати апсурдните бугарски услови без да се самоуништи. Реално топката е во рацете на Бугарија и на Европската унија, не на Македонија, која направи компромиси какви никоја држава и нација нема правено во целата историја, а и не треба да прави, вели во разговор за „Локално“ Стојко Стојков, копретседател на ОМО Илинден ПИРИН, вонреден професор по историски предмети на Универзитетот Гоце Делчев – Штип и истакнат борец за правата на Македонците во Бугарија.

За победата на Трифонови неговите провокации кон земјава. Стојков вели дека пропагандата против Македонија и Македонците во последната деценија до таква степен ги настрои луѓето што сега дури и партија која би сакала да го смени курсот нема да има храброст.

– Единствениот излез е во надворешен притисок. Бугарија се обидува да го повтори грчкиот рецепт, но ниту таа е Грција, а ниту геополитичката ситуација е истата, смета копретседател на ОМО Илинден ПИРИН, додавајќи дека бугарското вето ја спротивставува Бугарија директно на интересите на САД и ЕУ и тоа остава простор за решение.

За евентуална нова блокада од Париз за преговори на државава, поради претседателските избори таму, професорот вели дека се е можно, но дека прво треба да падне бугарската блокада бидејќи е е „поопасна, затоа што е базирана на ирационални националистички страсти“.

– Со небалкански земји – Македонија секој пат може да се најде некој разумен и достоинствен компромис, истакнува Стојков.

Како го коментрате исходот од изборите во Бугарија и што резултатите од нив значи за С.Македонија во однос на евроинтеграциите?

– Резултатите од изборите се средно лоши за Македонија. Од една страна – нема една партија која да има сила да ја преземе одговорноста за да го деблокира процесот на евроинтеграција на Македонија. Од друга ВМРО-БНД и другите националисти не влегоа во парламентот и има шанса да се формира влада од партија кои не се директно извалкани со антимакедонската политика.

Радев вели дека самите треба да си ја кренеме блокадата за ЕУ. Колку ваквата реторика остава простор за решение на спорот меѓу двете земји?

– Никаков. Пораката е – капитулирајте или нема да ве пуштиме. Македонија не може да ги прифати апсурдните бугарски услови без да се самоуништи. Реално топката е во рацете на Бугарија и на Европската унија, не на Македонија, која направи компромиси какви никоја држава и нација нема правено во целата историја, а и не треба да прави. Крајно време е таквите компромиси да запарат – попуштањето не ја задоволува Бугарија, таа не бара компромис – напротив тоа само ги зголемува апетитите и влијанието на националистите во Софија.

Можно ли е решение на спорот и одблокада на нашата евроинтеграција во септември, без воспоставена влада во Софија?

– Не, многу е брзо за промена на бугарската позиција, но при соодветен европски притисок – во декември – можеби.

Победникот наизборите, Слави Трифонов уште по првиот изборен ден упати провокации кон нашата земја, па колку реално можеме да очекуваме излегување од кризата во односите со него на чело на земјата?

– Нема партија во Бугарија и особено во парламентот која да не ја дели во една или друга степен официјалната политиката спрема Македонија. Пропагандата против Македонија и Македонците во последната деценија до таква степен ги настрои луѓето што сега дури и партија која би сакала да го смени курсот нема да има храброст.

Единствениот излез е во надворешен притисок. Бугарија се обидува да го повтори грчкиот рецепт, но ниту таа е Грција, а ниту геополитичката ситуација е истата. Бугарското вето ја спротивставува Бугарија директно на интересите на САД и ЕУ и тоа остава простор за решение. Мислам дека никоја партија во Бугарија не е многу ентусијазирана да ја земе одговорноста со формирањето влада сега зашто ќе треба да се соочи со огромен европски и американски притисок и тоа во период кога треба да моли за огромни европски пари.

Предлози како овој на Трифонов го демонстрира специфичниот внатрешен конфликт кај бугарските националисти. Од една страна сакаат да ја претставуваат бугарската позиција спрема Македонија како пријателска и братска, а од друга – бугарската политика е де факто непријателска спрема Македонија и Македонците. Затоа реалните не пријателски постапки кои генерираат омраза се прикриваат како со смоквен лист со бесмислени гестови на добра волја како овој со космонаутите: не ве пуштаме во Европа ама ќе ве однесеме во космосот. Македонија има потреба од ЕУ не од Космосот.

Трифонов, но и Бојко Борисов по изборите во своето „препукување“ го употребуваа терминот „северномакедонски“ и „северномакедонец“, со што предизвикаа уште поголема нервоза помеѓу македонските граѓани. Намерна ли е оваа провокација или ова е само уште една изборна реторика за домашна употреба? Како да јасмениме сликата од двете страни на границата и, како што вели Радев, „кога ќе се кренат границите, младите дане се мразат“?

– Да, провокацијата е намерна, но нема врска со изборите. Тоа си е продолжение на официјалната бугарска политика која целосно негира македонска нација, идентитет, малцинство и т.н. Бугарија доследно поддржува дека Македонија – Македонец се само географски поими и вметнувањето на „Северна“ едноставно им дава можност тоа да го потцртат. По време на избори таквата реторика само малку се засилува, но инаку е постојано присутна. Веројатно е „северномакедонец“ да биде во основата на новата бугарска терминологија спрема Македонија и Македонците.

Радев е лицемер и изгледа си мисли, дека младите од Македонија ќе се освестат како Бугари и така ќе исчезнат проблемите. Не само што таква работа нема шанса да се случи, но со политиката што ја води Бугарија – омразата ќе биде наследена од младите пред границите да бидат отворени.

Деновиве слушаме разни толкувања кја нас и во регионот дека следна блокада за С.Македонија може да дојде од Париз, поради претстојните претседателски избори таму. Дали ова е следната пречка со која треба да се избориме?

– На теорија се е можно, но што ќе биде – Бог знае. Нека падне бугарската блокада – таа е поопасна зашто е базирана на ирационални националистички страсти и со неа не може разумно да се преговара. Со небалкански земји – Македонија секој пат може да се најде некој разумен и достоинствен компромис.

Н.П.

Слични содржини