Столтенберг за соработката на НАТО и ЕУ: „Се залагавме за стабилност на Западен Балкан“

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и укажа на сето она што НАТО и ЕУ го направиле заедно оваа година, што вклучува работа кон постојана стабилност на Западен Балкан.

Столтенберг, кој присуствуваше на состанокот на Колеџот на еврокомесари во Брисел, ѝ се заблагодари на претседателката на Европската комисија затоа што, според него, таа била движечката сила на партнерството НАТО-ЕУ.

Тој рече дека НАТО и ЕУ имаат многу заеднички работи, споделуваат исти вредности и се соочуваат со исти предизвици, се вели во соопштението на НАТО.

„Столтенберг посочи дека НАТО и ЕУ направија повеќе заедно оваа година, што вклучува работа кон постојана стабилност на Западен Балкан, борба против дезинформациите и подобрување на нивното стратешко партнерство во области како што се воената мобилност, сајбер просторот и вселената“, стои во соопштението.

Тој додаде дека НАТО и ЕУ испратиле силна порака до рускиот претседател Владимир Путин дека ќе стојат на страна на Украина се додека е потребно.

Столтенберг оцени дека војната во Украина ја покажува потребата од зголемување на индустриското производство на клучна муниција и ги поздрави напорите на ЕУ за зголемување на производствените капацитети и заедничките набавки.

Тој предупреди дека се потребни силни институции како НАТО и ЕУ бидејќи нестабилноста расте со „бруталните војни во Украина и на Блискиот Исток“, постојаната закана од тероризам, кризата предизвикана од климатските промени и „авторитарните режими кои го загрозуваат меѓународниот поредок“.

Столтенберг истакна дека Европа и Северна Америка можат да ги бранат „нашите демократски вредности, да ја заштитат безбедноста на нашиот народ и силата на нашите нации“.

Слични содржини