Стопанска комора: Недела- неработен ден, надвор од надлежностите и работниот однос во многу компании

На продуктивноста на компаниите ќе влијае ограничувањето на можноста за работа во недела, односно наметнувањето на дополнителни трошоци, а се дел од редовниот работен процес, смета Стопанската комора на Македонија.

Исто така, од таму велат, дека во прашање може да се доведе и атрактивноста на земјава за странски инвестиции.

Стопанската комора инаку, е во постојана координација со Владата и ресорното министерство по однос на ова прашање. И иако испратени забелешките и укажувањата, Министерството за труд и социјална политика се уште не одговорила конкретно на Комората.

„Повторно укажуваме дека во многу сектори природата на дејноста е таква што не дозволува прекинување на работните процеси (индустријата, односно производствениот сектор), потребно е обезбедување на работење на дежурни служби, односно непречено работење на придружни дејности кои се тесно поврзани со работењето на другите сектори (дистрибуција, достава, јавен превоз и превоз за сопствени потреби) или има специфичности што укажуваат на потребата да се дозволи непречено да се организира работниот процес во сите денови од неделата (како што е градешништвото, каде временските услови, роковите, технологијата, спецификите на градежните материјали и спецификите на работните процеси директно влијаат на извршувањето на работите во овој сектор)“, посочуваат од Стопанската Комора.

Според Стопанската комора, генералните констатации на компаниите се дека и важечкото решение во членот 134 од Законот за работните односи (ЗРО), соодветно го уредува наведеното прашање.

„Уредувањето на уставно загарантираното право на работниците да користат ден за неделен одмор треба да се гледа во контекст и на слободата на работодавачите да го уредат распоредот на работното време согласно член 125 став 1 од ЗРО, со цел да ја оптимизираат конкурентноста и продуктивноста на деловниот субјект. Деловните субјекти ги поддржуваат заложбите за зачувување на семејниот живот на вработените, бидејќи само задоволен работник може да биде продуктивен и успешен во неговата работа, но укажуваат дека рамнотежата меѓу приватниот и деловниот живот на работниците треба да се почитува и да се унапредува и во однос на остварувањето на сите останати права од работниот однос, а не само преку користењето на неделата како ден за неделен одмор“, велат од Комората.

Слични содржини