Стопанска комора: Недостасуваат работници кои што ќе работат во ресторани и хотели

од Берта Китинска
369 прегледи

Според интерната анкета што ја спроведе Стопанската комора кај големите ресторански и хотелски капацитети кои се нејзини членки им недостига 50 проценти од потребниот кадар, пред се келнери, рецепционери, готвачи и помошници готвачи.

Официјалната статистика покажува дека е минимално намален бројот на работници во угостителската дејност, односно околу 400 лица, но анкетата покажува дека падот на бројот на вработени е од 50 до 80 отсто во зависност од објект до објект. Во 2020 година, според Комората, овој сектор доживеа целосен крах и во првите месеци од годинава се  уште има застој. Угостителството, како што велат, до 2019 година беше една од топ три најбрзорастечки  индустрии во светот со годишен раст од над 10 отсто и во просек секој трет вработен работеше во овој сектор. Во 2020 година, пак, двете студии што ги направиле заедно со другите комори покажале дека имало пад  на прометот во угостителството и туризмот и до 80 проценти и во него се загубени речиси 20.000 работни места.

-Ковид пандемијата ги измени досегашните потреби во угостителската дејност за составот на работниот кадар кој им е потребен во процесот на работењето. Предизвикот на отворање нови работни места дефинитивно е заменет со предизвикот како да се задржат постојните и евентуално да се пополнат испразнетите места со соодветен кадар, рече Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на денешната прес-конференција.

Нагласи дека Комората во рамки не проектот Образование за вработување, што е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, подготви четири програми за двомесечни обуки за преквалификација и доквалификација за потребите  на угостителскиот кадар за слаткар, готвач, пекар и келнер.

Слични содржини