Стопанска комора за енергетика: Владата веднаш да изготви план за рестрикција на електрична енергија

од Vladimir Zorba

Стопанската комора за енергетика ќе предложи целосно укинување на даночната стапка за прометот на електрична енергија кон домаќинствата и кон индустријата. Од Комората се децидни дека за да се намалат последиците од енергетската состојба во државава, ддв-то за електричната енергија треба да биде нула.

„Укинувањето на ДДВ-то треба да биде целосно и тоа додека не заврши кризата, барем во период од 6-12 месеци“, вели за „Локално“ претседателот на Стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков.

Враќање на даночната стапка за промет на електрична енергија според него, во актуелната  ситуација не смее да се случи затоа што и без тоа се очекува од следната година цената на електричната енергија силно да удри врз џебот на граѓаните.

Подеднакво важно, вели е и тоа Владата да прогласи енергетска криза.

„Не ми е јасно зошто државата се уште не го превзема овој чекор на кој што се одлучија многу други земји како на пример Германија, Франција, Албанија…. Тие веќе добија финансиско обештетување за настанатата енергетска криза , па по таа логика и ние би имале шанса за надокнада од овој тип“, посочува Манасков.

Инаку, стапката на ДДВ беше намалена од 18 на 5% во јули оваа година. Согласно законското решение таа ќе се применува до 30 јуни 2022 година по што повластената даночна стапка за електричната енергија  треба да биде 10%.

Стопанската комора има предлог и за операторот на преносната мрежа АД МЕПСО, балансирањето на електричната енергија да се стави во една балансна група, со што вишоците и одбитоците нема да одат во касата на државата а подеднакво  ќе бидат заштитени граѓаните и снабдувачите. Од комората имаат сомнеж во успешноста на вториот обид за распишување тендер за набавка на јаглен за РЕК Битола.

„Доволни количини јаглен има само во регионот на Полска и на Русија, но неговиот транспорт во актуелната ситуација  е невозможен. Не треба да заборавиме дека покрај Македонија, побарување за набавка на јаглен имаат уште многу други држави, па оттука организирањето на волку многу ресурси е исклучително тешко“, вели тој.

Во прилог на ова тврдење посочува дека за ваква сложена операција би биле потребно да се ангажираат по 500 камиони на ден, или 2.000- 3.000 за  4 до 5 дена и исто толку возачи.

На денеска одржаниот состанок со претставници на ЕСМ, МЕПСО, ЕВН, РКЕ и претставници на Министерството за економија, заклучено е дека нема услови за прогласување на кризна состојба, како можна мерка за проблемите со производството и снабдувањето со електрична енергија.

„До крајот на годината ќе има доволно количина на електрична енергија.Сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годината нема да има покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Денеска имав состанок со сите чинители од енергетскиот сектор во рамки на првиот состанок на Комисијата за електроенергетска кризна состојба и согласно сите информации од нивна страна не беше донесена одлука за прогласување на електроенергетска кризна состојба во државата“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Вчера премиерот Заев рече дека се активираат сите домашни ресурси за производство на електрична енергија, дека неколку милијарди денари од буџетот ќе се искористат за набавка на електрична енергија од увоз, за набавка на мазут за ставање во погон на ТЕЦ Неготино, за набавка на јаглен за РЕК Битола и дека за 10-15 дена повторно во работа ќе биде пуштен ТЕЦ Осломеј.

К.В.С.

Слични содржини