Строга санкција за напаѓачот на Фуркан Салиу бараат од SafeJournalists

„Брзата реакција на институциите во овој случај е охрабрувачка не само за казнување на сторителот туку и за демотивирање идни напади врз интегритетот на новинарите“, изјави Секуловски.

од Бети Божиноска

„Насилството врз новинарите и медиумските работници е неприфатливо. Сакам да истакнам дека според новите измени во Член 144 од Кривичниот законик, напад врз новинар или медиумски работник додека извршуваат професионални задачи е кривично дело каде МВР и OJO се должни да дејствуваат,“ истакнува Драган Секуловски, директорот на мрежата SafeJournalists и извршен директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Секуловски го коментираше вчерашниот физички напад на новинарот на „ПорталИкс“, Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска во Кичево додека се обидувал да земе изјава од неа.

Салиу во нападот се здобил со повреда на раката и му бил оштетен микрофонот. Салиу повикал полиција на местото на настанот, а подоцна дал изјава во полициска станица. За овој настан е известен и обвинителот од Кичево и се преземени итни активности за расчистување на случајот.

Полицијата вчера ја приведе Јакимовска, откако таа извршила втор физички напад, овој пат врз полицаец во полициската станица во Кичево. Според официјалните информации од МВР, таа се обидела да ја уништи официјалната документација за нападот врз Салиу.

„Брзата реакција на институциите во овој случај е охрабрувачка не само за казнување на сторителот туку и за демотивирање идни напади врз интегритетот на новинарите“, изјави Секуловски.

Мрежата SafeJournalists, која ги застапува медиумските професионалци од Западен Балкан, ѝ се придружи на својата членка ЗНМ и ги повика Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да спроведат брза истрага и да го казнат напаѓачот.

„Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај. Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани,“ велат од организацијата.

Слични содржини