Семејствата на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ почнаа со собири и едночасовни блокади сè додека не започне судскиот процес. Блокадите на сообраќајот ќе се одржуваат секој ден на кружниот тек кај мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Бараат зголемување на капацитетот на судскиот состав, рочишта без непотребни одложувања и транспарентно следење на сите процесни активности. Блокадата, според нив, е резултат на револтот што го почувствувале откако, како што велат, адвокатите на осомничените изјавиле дека судскиот процес би можел да трае од 10 до 15 години. Родителите најавија дека нема да запрат со протестите се додека, како што велат, не видат вистинска волја од институциите за брзо и праведно судење. Најавуваат можни протести и во Скопје доколку не се чуе нивниот глас.
Инаку, за изјавите на адвокати на обвинети во предметот „Пулс“ реагираше и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Во отворено писмо до Адвокатската комора, Коцевски наведува дека одредени адвокати изнесуваат коментари за обвинението со „Пулс“ без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, на доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата. Дополнително, државниот јавен обвинител вели дека одредени адвокати ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент.
За дел од адвокатската и правничката фела во државата, должината на процесот зависи од обемот на предметот, односно од обемот на диказите, кои во текот на постапката треба да се изведат. Според адвокатот, Владо Бангиевски, однапред никој не може да каже колку долго ќе трае судскиот процес, бидејќи многу фактори се во игра во текот на судската кривична постапка.
-За должината на судскиот процес и за тоа дали можеби ќе застари не треба да се вперува прстот во адвокатите, бидејќи тие само ги користат оружјата кои им ги дава Законот за кривична постапка во одбрана на својот клиент. Сепак најодговорен за текот на постапката е судскиот совет, кој ја води кривичната постапка, вели Бангиевски во разговор за „Локално“.

Фото: Владимир Бангиевски
Според него, со оглед и на интересот на јавноста за судењето, оваа судска постапка секако ќе биде тест за ефикасноста на правосудниот систем, но и за фер и правично судење.
-Секако дека треба да се ангажираат сите средства на државата за да се затвори и никогаш повеќе да не се повтори ова црно поглавје од македонската историја, истакнува Бангиевски.
Тој е дециден дека Адвокатскта комора со право реагира и државниот јавен обвинител не треба да се меша во стратегијта за одбрана и застапувањето на адвокатите.
-Секој во постапката си има своја улога и одбраната и обвинителството и оштетените, па секој треба да делува во рамките на својата улога и законските ингеренции, посочува Бангиевски, додавајќи дека обвинителниот акт не може да го коментира, бидејќи не го прочитал, ниту пак може да коментира како до сега е водена постапката, со оглед на тоа што не учествувал во неа. Сепак, верува во професионалноста на сите учесници во постапката.
Адвокатската комора на Македонија пред два дена му одговори на државниот јавен обвинител по неговото писмо. Од Комората порачаа дека наводите на обвинителот се неосновани и претставуваат директно мешање во независноста на адвокатската дејност.
-Неточно е дека адвокатите не се запознаени со обвинението и доказите – тие се достапни уште од поднесувањето на обвинителниот акт. Адвокатите имаат право на слобода на изразување и должност да ја информираат јавноста за постапки од јавен интерес, стои во соопштението.
Од Комората додаваат дека досега нема забелешки од судовите за нарушување на нивниот углед и дека Јавното обвинителство, а не адвокатите, го водело целиот истражен процес.
-Напоменуваме дека адвокатите со ништо не го нарушиле угледот на Судот и истите имаат право и должност на слобода на изразување, односно да изнесуваат правни мислења, критички осврти или коментари поврзани со постапки од јавен интерес. Адвокатите имаат право да ја информираат јавноста за прашања поврзани со случаите на нивните клиенти. Од наводите во дописот не произлегува дека адвокатите го нарушиле углеедот на Судот и институциите пред кои се појавуваат. Дотолку повеќе, што досега немаме никаква реакција од судовите дека им бил нарушен угледот. Останува нејасно зошто јавниот обвинител навлегува во надлежноста на судот, велат од Комората.

Марш на ангелите/Фото: Фејсбук/Принтскрин/Радио Кочани
Во заклучок, Адвокатската комора истакнува дека судењето за случајот „Пулс“ ќе биде тест за ефикасноста и правичноста на целиот правосуден систем и дека очекуваат транспарентна постапка со професионално однесување на сите страни.
Пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ја зеде 63-та жртва. Почина Владимир Блажев – Панчо, музичарот од дуото ДНК кој беше тешко повреден во несреќата што се случи на 16-ти март. Информацијата ја потврди Јавното обвинителство.
„Јавното обвинителство ќе издаде наредба за обдукција на лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба.“- стои во соопштението од ЈО Република Северна Македонија.
Блажев почина на 46 годишна возраст. Претходно, 7 месеци се лекуваше во приватна болница. Оттаму изразија сочувство до семејството и пријателите, но не соопштуваат кои се причините за смртта.
Пожарот во „Пулс“ се случи за време на настап на групата ДНК, а во него животот го загуби другиот член на дуото, Андреј Ѓорѓиески. Во трагедијата починаа уште четворица членови на бендот, како и фотографот на групата.
Н.П.