Судски совет: Во правна сила се сите акти донесени во време на Георгиев

од Nikola Popovski

Судскиот совет реагира на изјавите изнесени во јавноста со кои се отвораат дилеми околу ништовноста на сите акти донесени во периодот од изборот на поранешниот претседател на Советот, Сашко Георгиев. Појаснуваат, сите акти донесени во овој период се во правна сила.

Од Советот велат дека со пресудата на Управниот суд, не се доведува во прашање законитоста на одлуките донесени од Судскиот совет како колективно тело, туку се поништува решението за разрешување на сегашната претседателка.

„Во врска со вчерашните изјави во јавноста со кои се отвораат дилеми околу ништавноста на сите акти донесени во периодот од изборот на Сашко Георгиев за претседател на Судскиот совет на РСМ до моментот на давањето на негова оставка , а во врска со донесената правосилна и извршна пресуда на Управниот суд, Судскиот совет има потреба да се произнесе со став дека сите акти донесени во овој период се во правна сила. Со пресудата на Управниот суд не се доведува во прашање законитоста на одлуките донесени од Судскиот совет како колективно тело, бидејќи се поништува решението за разрешување на сегашната претседателка“, истакнуваат од Советот.

Весна Дамева е старо-нова претседателка на СС. Пред два дена, Георгиев поднесе оставка од претседателската позиција поради пресудата на Управниот суд.

Слични содржини