Судскиот совет денеска ќе го разгледува случајот „Таргет-тврдина“ согласно надлежностите

од Nikola Popovski

Судскиот совет во земјава на денешната седница ќе расправа по изнесените информации во јавноста за одлуката на Апелациониот суд за судскиот случај „Таргет-Тврдина“, како и по други предмети од интерес за јавноста.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева во врска со одлуката на Апелациот суд Скопје со која беше укината првостепената пресуда и предметот „Таргет – Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување, го врати на повторно постапување, викендов во писмена изјава до медиумите најави дека денеска во рамки на нејзините овластувања веднаш ќе преземе дејствија, а Судскиот совет согласно своите надлежности, ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и за констатираната фактичка состојба ќе ја информира јавноста.

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека одлуката на Апелација за поништување на пресудата за случајот „Таргет-тврдина“ ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудството.

-Погледнете што ни се случи. Тоа беше тешко да се проголта и јас сум навистина разочаран. Ден на пораз на правната држава и уште еден доказ на граѓаните во ниската доверба во правосудните органи. Судството мора да најде начин да е поефикасно и да сработи многу подобро и побрзо во интерес на правдата и граѓаните. Јас секогаш кажувам – судстовто е независно и нема да се мешам во ниту еден судски процес. Судницата не е место за решавање на политички проблеми, рече Ковачевски на партиската трибина на СДСМ во саботата.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека е шокиран од одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“. Во реакција на Фејсбук, тој оценува дека на овој начин се поткопува вербата на граѓаните во правосудниот систем.

Одбраната на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ја поздрави одлуката на Апелацискиот суд Скопје за укинување на пресудата за „Таргет-Тврдина“ и враќање на предметот на повторно судење пред првостепениот суд. Според адвокатскиот тим на Мијалков, ваквата пресуда е законита, праведна и заснована на доказите и фактите кои тие ги навеле во жалбената постапка. Од таму порачаа и дека се загрижени од највисоките државни функционери од извршната власт, поради како што велат, „политичко мешање уште од самиот почеток на постапката и се влијаело да се донесе првостепена пресуда каква што беше донесена“.

Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, и ја укина првостепената пресуда, а предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување. За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, на поранешниот директор на УБК Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Слични содржини