Сугарески: За автопатиштата нови истраги водат и ОЈО и СЈО

од Vladimir Zorba
137 прегледи

Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески, во синоќешното интервју за емисијата „Топ Тема“ на телевизијата „Телма“ рече дека за градбата на автопатите почната за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, предистражни и истражни постапки водат и ОЈО и СЈО.

„Има многу промашувања, нестручност и криминал во градбата на автопатиштата во изминатите години. На дневна основа, како што стигнуваат барања до Министерството од страна на Обвинителството за организиран криминал и од СЈО, согласно прислушуваните разговори, така ние испраќаме документација, потпишувани договори и друго“, рече Сугарески.

Досега подигнато обвинение има само СЈО, во случајот „Траекторија“, за проневера на над 120 милиони евра. Обвинети се експремиерот Никола Груевски, како и екс-вицепремиерот Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот директор на Агенцијата за патишта Љупчо Ѓорѓиевски.

Со анексот што ќе биде склучен со кинески „Синохидро“ рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, ќе се продолжи за околу три години, а за дополнителната сума за која ќе се склучи друг анекс, не сакам да шпекулирам, рече Сугарески.

Јавноста, како што потенцира, треба да знае за пропустите, а дополнителната сума по тој основ ќе биде соопштена по проценката што ја прават реномирани светски куќи. Анексот за дополнителните пари, ветува Сугарески, ќе биде објавен јавно.

Реализацијата на автопатот сега е околу 50 проценти, а сегашниот договор за изградба изнесува 374 милиони евра.

Според динамиката на изградба, во текот на годинава, како што рече, треба да биде завршен автопатот Миладиновци – Штип, каде исто така се пролонгираше рокот за изградба.

Инвестицијата во патната инфраструктура годинава ќе изнесува 270 милиони евра.

Според Сугарески, со максимална посветеност може да се реализира ветувањето за завршување на пругата кон Бугарија до 2025 година. Најави интензивирање на работите на делницата Куманово-Бељковце, а до јуни годинава да се избере изведувач за втората делница Бељаковце-Крива Паланка, за каде се обезбедени средства. Третата делница, Крива Паланка – ГП „Деве Баир“, иако е најкратка, 23 километри, поради конфигурацијата може да чини од 300 до 350 километри.