Свечена комеморација за збогум со Вања Лазарова

од Vladimir Zorba
109 прегледи
Во студиото М1 на Македонското Радио, денеска ќе биде одржана свечена комеморација, во чест и спомен на доајенот на Македонската народна песна – Вања Лазарова, која почина завчера на 86-годишна возраст, во Скопје.

Посмртните останки на Вања Лазарова денеска ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта – Бутел во Скопје.

„Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Со маки сум се родила“, се само некои од бројните македонски изворни народни песни што ги испеа Лазарова. Најголемиот дел се снимени во продукција на МРТ.

Вања Лазарова беше родена на 27 април 1930 во село Страцин, Кратовско. Извесно време работеше во Операта при МНТ, а била членка и на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“.

Настапувала на голем број концерти на повеќе континенти, а пеела и во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Има голем придонес и во соработката со групата „Анастасија“ за музиката во филмот „Пред дождот“ кој во 1994 година освои „Златен лав“ во Венеција.

Впечатливиот глас на Вања Лазарова ќе остане дел од македонското музичко наследство.