Во грчкиот Парламент, попладнево, свечено беа положени заклетвите на новоизбраните 300 пратеници, избрани на минатонеделните избори во Грција. Овие пратеници ќе имаат еден од најкратките пратенички мандати, бидејќи Парламентот ќе се распушти утре и ќе бидат објавени нови избори. Чинот се одвиваше во присуство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, премиерот Јоанис Сармас, министрите од службената Влада и главниот епископ на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, кој го освети првото заседание на новиот парламент.
Постојат пратеници кои положија религиозна заклетва, додека некои одбраа граѓанска заклетва, а четворица пратеници ја положија заклетвата пред Куранот. Новиот парламент е составен од пратеници од пет политички партии кои успеаја да го преминат прагот од три отсто за влез во Парламентот. Конкретно, Нова демократија има 146 пратеници, СИРИЗА 71, ПАСОК- Движење на промена 41, Комунистичката партија 26, а Грчко решение 16 пратеници.
Утре наутро е закажано следното заседание на Парламентот, каде ќе се изберат претседателот и потпретседателите на Парламентот. Следниот чекор ќе биде издавањето на нов претседателски декрет за распуштање на Парламентот и закажување на избори за 25 јуни. Со тоа, официјално ќе започне новиот предизборен период во Грција.