„Светото тројство“ на Филипче тешко се почитува

од Берта Китинска

Новиот бран на заразени доаѓа со олабавување на рестриктивните мерки и пред се’ поради непочитување на личната заштита.

Веќе четири месеци коронавирусот е присутен во нашата земја, а министерот за здравство, Венко Филипче постојано упатува апели за мерките за заштита од вирусот.

„Апелирам да ги почитуваме мерките за заштита од коронавирус, затоа што само преку нивно почитување може да го спречиме ширењето на овој непредвидлив непријател – вирусот ковид-19. Да носиме заштитна маска, да ја одржуваме потребната физичка дистанца и често да ги миеме рацете“, истакна Филипче на својот профил на Фејсбук.

Здравствените власти постојано потенцираат дека некои граѓани не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и тоа придонесува за неговото ширење

Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски смета дека зголемувањето на бројката на заразени со коронавирусот е резултат на непочитувањето на превентивните мерки, како неносење заштитни маски, непочитување на групирањето, и семејните собирања за ифтарските вечери и Рамазан Бајрам.

„Дел од народот не верува во вирусот, мисли дека не постои, дека е светски заговор… Прашајте ги тие што имаат заболени во фамилијата под каков стрес се. Народски кажано дел од народот, ни се тера, ни се води“, пред неколку дена изјави др. Караџовски .

Пред да се случи вториот бран на новозаразени Филипче изјави дека додека не се добие вакцина против Ковид-19, ќе треба сите заедно да се раководиме според нашето свето тројство.

„Верувам во периодот којшто ќе следи, не само во следните месеци, туку и до крајот на годината, а веројатно и на почетокот на следната, сѐ додека не излезе вакцината, ние ќе имаме ново свето тројство, а тоа ќе биде: носењето на маска, одржување дистанца од 1,5 – 2 метри и задолжителна дезинфекција на рацете“, рече Филипче.

Вчера беа регистрирани 125 случаи на Ковид-19, и седум починати што е повторно висока бројка на заразени од овој вирус. Најголем број новозаболени имаше минатата недела кога беа регистрирани 180 случаи.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3.364, бројката на оздравени пациенти е 1.664, на починати е 164, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.536.

Слични содржини