СЗО контра Трамп: Коронавирусот е со природно потекло

од Nikola Popovski
213 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО), која го повикува Пекинг да се приклучи на истрагата за потеклото на вирусот, во петокот соопшти дека станува збор за вирус од „природно потекло“ во време кога американскиот претседател го поврзува со кинеска лабораторија.

Епидемијата, која започна да се шири од Вухан во декември, досега зарази повеќе од 3,2 милиони луѓе во светот и најмалку 230.000 починале, се вели во пресметката на Франс Прес. „Што се однесува до потеклото на вирусот во Вухан, слушнавме многу научници кои го истражувале и ни рекоа дека станува збор за вирус со природно потекло“, рече директорот на Програмата за управување со итни случаи на Светската здравствена организација, Мајкл Рајан, одговарајќи на новинарско прашање.

„Важно е да се открие природниот домаќин на овој вирус“, додаде тој, по повод виртуелната прес-конференција во седиштето на организацијата во Женева.

Тој рече дека „најважно е да се дејствува така што можеме да го разбереме добро вирусот, да разбереме како се пренесува од животно на човекот и како е премината границата помеѓу животинските и човечките видови“.

Целта на истражувањето е „организирање на јавното здравје и превентивни мерки, за да никогаш повеќе да не се случи“, истакна тој повторно.

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесу нагласи дека и понатаму е на сила глобалната вонредна состојба поради пандемијата. Тој уште еднаш ги отфрли обвиненијата дека СЗО предоцна реагирала против епидемијата на Ковид-19.

Претседателот на САД, Доналд Трамп,  деновиве изјави дека е уверен оти коронавирусот потекнува од кинеската лабораторија за вирологија, но одби да понуди докази.