Развојот на пандемијата на Ковид 19 во Европа е „многу загрижувачки“, иако ситуацијата не е како ситуацијата во март и април, предупреди европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО).
„Бројот на случаи расте секој ден, вклучувајќи го и бројот на приеми во болница. Ковид сега е петта причина за смрт и достигнат е прагот од 1.000 смртни случаи на ден“, рече Ханс Клуге, директор на Европскиот огранок на СЗО, на онлајн прес-конференција.
Тој ја истакна важноста на воведување нови мерки низ цела Европа за забавување на ширењето на коронавирусот.
„Тоа се соодветни и неопходни одговори на она што ни го кажуваат податоците: преносот и изворите на инфекцијата се во домовите и на затворени јавни места, како и кај луѓе кои не се придржуваат до мерките за самозаштита“, рече Клуге.
Во европската зона на СЗО, која вклучува 53 земји, вклучително и Русија, има повеќе од 7,25 милиони заразени и скоро 250.000 починати од последиците на коронавирусот.