Во декември минатата година во светот се регистрирани речиси 10.000 смртни случаи поради ковид-19, објави Светската здравствена организација (СЗО) и предупреди дека вирусот се уште е голема закана и покрај тоа што веќе не се зборува многу за него.
СЗО вели дека податоците од повеќе извори укажуваат на зголемено пренесување на вирусот минатиот месец, поттикнато од собирите за време на божиќните празници и варијантата JN.1 која сега е распространета во светот, објави новинската агенција АФП.
„Иако ковид-19 повеќе не претставува вонредна глобална ситуација, вирусот продолжува да се шири, менува и убива“, изјави генералниот секретар на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус, пренесува „Гласот на Америка“.
Покрај близу 10.000 жртви пријавени во Светската здравствена организација минатиот месец, има и зголемување од 42 отсто во хоспитализацијата и 62 отсто зголемување на приемите на интензивна нега во споредба со ноември.
Тие бројки се засноваат на податоци од помалку од 50 земји, главно во Европа и Северна и Јужна Америка, рече Тедрос.
„Секако дека има зголемувања во други земји кои не се пријавени. Исто како што владите и поединците преземаат мерки на претпазливост против други болести, ние мора да го сториме истото против ковид-19. Иако 10.000 жртви месечно е многу помалку отколку на врвот на пандемијата, ова ниво на смртни случаи кои можат да се спречат е неприфатливо“, нагласи тој.
Ги повика владите да продолжат да го следат вирусот и да обезбедат пристап до евтини и сигурни тестови, лекови и вакцини.
„Продолжуваме да ги повикуваме поединците да се вакцинираат, да се тестираат, да носат маски каде што е потребно и да се погрижат преполните затворени простори да имаат добра вентилација“, рече првиот човек на СЗО.
Во мај минатата година, СЗО прогласи крај на меѓународната вонредна состојба во јавното здравје поради ковид-19, повеќе од три години откако вирусот првпат беше регистриран во кинескиот град Вухан кон крајот на 2019 година.