СЗО не добила важни информации од Кина за коронавирусот

од Nikola Popovski

Кина доцнела со соопштувањето важни информации за коронавирусот во време на првите денови на епидемијата, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“, повикувајќи се на документи од Светската здравствена организација (СЗО), за кои пишува дека имала пристап.

Кина чекала повеќе од една недела пред да објави важни информации за геномите на коронавирусот на 11 јануари, според АП.

Две недели подоцна, Кина повторно доцнела да го извести СЗО за деталите за случаи на коронавирус и за состојбата на пациентите, што довело до недостаток на јасна проценка за тоа дали вирусот може да се пренесе од личност до личност и за ризикот во остатокот низ светот, додава АП.

Давање информации

Доцнењето довело до незадоволство од официјалните претставници на СЗО, иако светското тело официјално ја пофали Кина за транспарентноста и брзото споделување на информации за вирусот со остатокот на светот, соопштила американската агенција, повикувајќи се на десетици разговори и внатрешни документи.

Новиот коронавирус се појави во кинескиот град Вухан во декември минатата година и оттаму се прошири низ целиот свет.

Во светот, најмалку 377.200 луѓе починале од коронавирусот, додека повеќе од 6.320.000 луѓе се заразени во 196 земји и територии.

Бројот на официјално заразени не ја одразува реалната бројка на заразени, бидејќи многу земји само тестираат пациенти на кои им е потребен болнички третман. Од вкупниот број заразени, најмалку 2.662.300 лица се сметаат за излечени.

Слични содржини