Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ги повика владите ширум светот да спроведат мерки како што се носење маски во услови на, како што рече, неприфатливо висок број на смртни случаи.
Додека многу влади на побогатите земји речиси ги напуштија ограничувањата поради епидемијата на коронавирусот по успешното воведување на вакцината, директорот на Светската здравствена организација нагласи дека пандемијата „не е ни блиску до крајот“.
Шефот на СЗО, како што објави „Скај њуз“, навел дека подваријантите на Омикрон продолжуваат да предизвикуваат нови случаи, хоспитализации и смртни случаи ширум светот.
Во услови на зголемена трансмисија на ковид и зголемени хоспитализации, тој ги повика владите да „воведат испробани и тестирани мерки како што се носење маски, подобрена вентилација и протоколи за тестирање и лекување“.