Новиот позаразен вид на коронавирус веќе е откриен во осум европски земји, според регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге.
„Во осум европски земји, Светската здравствена организација досега ја идентификуваше новата варијанта на ковид 19, наречена VOC-202012/01“, напиша Клуге на Твитер.
Според него, новиот вид на вирусот се шири кај помладата популација, за разлика од претходните варијанти.
Клуге повика да бидеме претпазливи додека е во тек истражувањето на новиот вид, како и да ги зајакнеме постојните заштитни мерки како физичко растојание и носење маски.
Новиот вид бил откриен во Велика Британија на 14 ноември, а после тоа бил евидентиран кај поединци во Австралија, Исланд, Италија и Холандија, а имало и неколку случаи во Данска.
Првиот случај на инфекција со новиот вид во Франција е потврден во петокот, објави тамошното Министерството за здравство, пренесува Ројтерс.
СЗО во вторникот повтори дека сè уште нема доволно информации дали новиот вид ќе влијае на ефективноста на вакцините, а тестовите се во тек.