СЗО: Оваа зима ќе биде опасна по живот за милиони луѓе во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
128 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО) има регистрирано 703 напади врз здравствената инфраструктура во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари, што регионалниот директор на организацијата во понеделникот го нарече најголем напад врз здравствената заштита од Втората светска војна.

„Ова е јасно прекршување на меѓународното хуманитарно право и правилата за војна“, рече регионалниот директор на СЗО Ханс Клуге во понеделникот во Киев, додавајќи дека тоа е најголемиот напад врз здравјето на европско тло од Втората светска војна.

Стотици илјади куќи и станови, училишта и болници се без греење, рече Клуге.

„Постојаните напади врз здравствената и енергетската инфраструктура значат дека стотици болници и здравствени установи веќе не се целосно функционални, немаат гориво, вода и струја за основните потреби“, објасни Клуге.

Тој додаде дека половина од енергетската инфраструктура на Украина е уништена или оштетена и дека „10 милиони луѓе, четвртина од населението се без струја“.

Временските прогнози кои предвидуваат температури од -20 Целзиусови степени претставуваат сериозен ризик по здравјето.

„Студеното време може да убие. Оваа зима ќе биде опасна по живот за милиони луѓе во Украина“, рече Клуге.

Постои голема закана од респираторни инфекции како ковид-19, од кои многу Украинци не се доволно заштитени.

Понатаму, „многумина ќе бидат принудени да се свртат кон алтернативни методи за греење како што се согорување јаглен или дрва или користење на дизел генератори или електрични грејачи“.

„Тие претставуваат здравствени ризици, вклучително и изложување на штетни материи… како и случајни изгореници и повреди“, објасни Клуге.

„Сето ова му штети на менталното здравје на украинскиот народ. Околу 10 милиони луѓе се изложени на ризик да развијат ментални нарушувања како што се акутен стрес, анксиозност, депресија, злоупотреба на дрога и посттрауматско стресно нарушување“, додаде Клуге.

Слични содржини