СЗО: Третина од луѓето во С.Македонија земаат антибиотици без лекарски рецепт

од Vladimir Zorba
272 прегледи

Прекумерната употреба на антибиотици опасно ја поткопува нивната ефикасност и ја зголемува отпорноста што може да биде одговорна за 10 милиони смртни случаи годишно во светот до 2050 година, предупреди во четвртокот европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО).

– Развојот и ширењето на супербактериите се забрзуваат со злоупотреба на антимикробни лекови, што го отежнува ефективно лекување на инфекции – се вели во соопштението на СЗО Европа, која вклучува 53 земји и се протега до Централна Азија.

– Сите земји во нашиот регион имаат регулативи кои штитат од злоупотреба на антибиотици… Со имплементацијата на овие прописи би се решиле најголемиот дел од проблемите со злоупотребата на антибиотиците – изјави Роб Батлер, раководител на одделот за заразни болести.

Организацијата на ОН проценува дека, без итна интервенција, отпорноста на антибиотици може да предизвика до 10 милиони смртни случаи годишно до 2050 година.

Истражувањето спроведено во 14 земји од регионот, лоцирани во Источна Европа и Централна Азија, покажува дека причините наведени како оправдување за земање антибиотици во 24 отсто од случаите се настинка проследена со симптоми на грип (16 отсто), болки во грлото (21 отсто) и кашлица (18 проценти).

– Оваа ситуација е загрижувачка бидејќи овие симптоми често се предизвикани од вируси против кои не делуваат антибиотиците – се вели во соопштението за медиумите.

Главен извор на загриженост за здравствените власти се рецептите.

Според извештајот, третина од луѓето во БиХ, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија, Турција, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан и Узбекистан земаат антибиотици без лекарски рецепт.

Во некои земји, повеќе од 40 проценти од антибиотиците се добиени без лекарско мислење, што е пет пати повеќе од просекот на ЕУ од студијата спроведена во 2022 година.

Слични содржини