Мислам дека главната битка кај албанскиот електорат се води помеѓу ДПА и СДСМ. Доколку гласот оди кај ДУИ тој е неупотреблив, вели за Утрински Брифинг лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
„Главната поента ми беше дека тоа што се случи кај Македонците, промената на власта е добра работа, но кај Албанците се уште не се случи. Значи ние како народ имаме една политичка партија која 17 години е на власт. Би било добро гласовите на Албанците да одат кај друга политичка партија. Дали сме поотворени кон СДСМ? Нормално. Не можеме да заборавиме дека претседателот на СДСМ го направи главниот историски чекор – одблокирање на евроинтеграцискиот процес. Од друга страна ги слушам изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ околу поништување на Преспанскиот Договор и Законот за јазиците, а истиот тој дотичен лидер на таа дотична партија пред неколку денови ми испраќаше посредници за да почнеме да имаме контакти. Тоа не може така“, рече Тачи.
Тој додава дека политичкиот Ислам е реалната опасност за Албанците во Македонија, било тоа историски, било тоа сега.
„Нашата партија цело време укажуваше на тоа. Јас во последно време зборам и за можноста на финансирање на одредени политички чинители од источниот дел од светот. Ние немаме ништо заедничко со тоа. Нашиот идентитет е прозападен и во мометот кога ќе станеме членка на НАТО и таа грижа ќе ја снема, изјави Тачи за Утрински брифинг, околу зачестените коментари дека одредени политички партии се финансиираат од земји каде Исламот е и политика и религија“, додава Тачи.