Мендух Тачи како единствен вицепремиер и ДУИ да биде надвор од кабинетот. Ова се двата услова на лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА) за коалицирање со СДСМ и заеднички настап на предвремените парламентарни избори на 12 април.
„Првиот услов е ДУИ да не биде дел од следната влада. Вториот е претседателот на ДПА да биде вицепремиер и да има само еден вицепремиер“, изјави Тачи за ТВ 21.
Демократската партија на Албанците и досега беше дел од владиниот кабинет преку поранешниот пратеник Бардиљ Даути кој ја извршуваше функцијата министер без ресор за странски инвестиции.
Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, со став дека неговата партија е отворена за разговори за коалицирање со сите политички субјекти, освен со ДУИ која реши сама да оди на изборите.
„Не може да се разговара со некого кој одлучил сам да излезе на избори. Моментно е рано и сè уште не сме почнале разговори со ниту една партија и нема ништо конкретно во правец на можни коалиции. Изјавата на претседателот на ДПА ја гледаме како нивно позиционирање пред евентуални разговори за можна предизборна соработка“, вели Зекири.
Тачи доби тригодишна затворска казна во случајот „Титаник 2“ за влијание врз членот на Државната изборна комисија (ДИК), Бедредин Ибраими по локалните избори во 2013 година. Но, Апелацискиот суд ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење поради повреда во постапката. Идентична казна како Тачи доби и Сашо Мијалков и уште неколку членови на ДИК.