Талески: Евтина тарифа на електричната енергија најрано од 1. Јануари следната година

од Vladimir Zorba

Како  еден од предвидливите термини за кога граѓаните најрано ќе можат да очекуваат евтина дневна тарифа, професорот Рубин Талески го издвојува  1. Јануари 2024 година.

Ставот го поткрепува со два аргументи: „Со оглед на тоа што ЕЛЕМ (ЕСМ) на тендерот понуди само една цена за следните шест месеци ова не би можело да се примени. Дополнително, „програмирањето“ на броилата ќе потрае подолго време“, вели во интервју за „Локално“, Талески.

Во таа насока е и неговиот одговор во однос на дилемата колкава ќе биде новата цена на електрична енергија која ќе биде со зголемен ДДВ.

„Со оглед на тоа што ЕЛЕМ за следните месеци нуди електрична енергија за околу 5% пониска отколку во претходниот период, дефинитивно цената на електричната енергија ќе биде пониска. Но, потрошувачите, покрај електричната енергија, плаќаат и тнр. „мрежарина“, т.е. надоместок за користење на преносниот и дистрибутивниот систем. Кај овие две ставки веројатно ќе има некое мало покачување на тарифите, така што може да се очекува дека цената на електричната енергија (со вклучена „мрежарина“) нема значително да се зголеми или да се намали“, вели Талески.

Според него, на крајот  останува прашањето на зголемување на стапката на ДДВ од 10 на 18%. Посочува дека ова ќе го почувствуваат (во најголема мерка, домаќинствата како крајни купувачи) што не можат да го пренесат ДДВ -то.

Деновиве се очекува да биде соопштена новата цена на електричната енергија која сигурно ќе биде со зголемен ДДВ. Колкав е просторот за креативност, како што вели Бислимовски, за да се избегне ценовен шок за граѓаните? Дали очекувате намалување или зголемување на цената за домаќинствата и малите потрошувачи, и колкав би бил очекуваниот процент?

-Со оглед на тоа што ЕЛЕМ за следните месеци нуди електрична енергија за околу 5% пониска отколку во претходниот период, дефинитивно цената на електричната енергија ќе биде пониска. Но потрошувачите, покрај електричната енергија, плаќаат и тнр. „мрежарина“, т.е. надоместок за користење на преносниот и дистрибутивниот систем. Кај овие две ставки веројатно ќе има некое мало покачување на тарифите, така што може да се очекува дека цената на електричната енергија (со вклучена „мрежарина“) нема значително да се зголеми или да се намали.

На крајот, останува прашањето на зголемување на стапката на ДДВ од 10 на 18%. Ова ќе го почувствуваат (во најголема мерка, домаќинствата како крајни купувачи) што не можат да го пренесат ДДВ. Дали стапката на ДДВ за електрична енергија треба да се зголеми на 18% е прашање на кое треба да одговорат од министерството за финансии.

По многуте најави дека дневната евтина тарифа на електричната енергија ќе се врати од 1 јули, се поизвесно e дека оваа опција засега е неизводлива. Дали е според Вас  пореално воведување евтина тарифа во подоцежниот  периот,  после Нова Година?

-За да се воведе евтина тарифа во текот на денот за домаќинствата и малите потрошувачи треба да бидат исполнети барем два услова:

* ЕВН Хоум да набавува електрична енергија во текот на денот по различни цени и

* Електродистрибуција да направи подесување на броилата (околу 800 до 900 илјади) за да можат да ја регистрираат потрошувачката во периодот(ите) на ниска тарифа во текот на денот

Со оглед на тоа што ЕЛЕМ (ЕСМ) на тендерот понуди само една цена за следните шест месеци ова не би можело да се примени. Дополнително, „програмирањето“ на броилата ќе потрае подолго време, така што најрано што може да се очекува евтината дневна тарифа да се примени од 1. јануари 2024 година.

Какви проблеми предизвикува во енергетскиот систем воведувањето на евтината тарифа од аспект на балансирање на преносот и дистрибуцијата?

-Ако се воведе евтина тарифа во траење од два часа во периодот од 10 до 14 часот може да се очекува зголемување на потрошувачката и ќе се јави потреба од ангажирање на дополнителни ресурси (хидроцентрали) за балансирање. Од друга страна, во тој период производството од соларните електрани е најголемо што значително може да ја намали потребата од ангажирање на хидроелектраните за покривање на потрошувачката и тие би можеле да се вклучат за балансирање.

Какви се ефектите од воведувањето на блок- тарифите за пресметка на потрошена електрична енергија и дали се постигна очекуваниот ефект- поразумно трошење електрична енергија од страна на граѓаните ?

-Првичните анализи за ефектите од воведувањето на блок тарифите се позитивни, но сепак треба да се почека да поминат барем 12 месеци (последните податоци се за април 2023 година). Ова е особено важно затоа што последната зима беше многу блага.

По низата сувенции од буџетот за справување со кризата, според Владата успешно се справивме со предизвиците од енергетската криза, но летото е период за подготовка за следната сезона. На кои предизвици, според Вас, треба да се стави фокусот и тоа во однос на снабдувањето со гас, мазут, јаглен..? Дали повторно ќе бидат потребни буџетски интервенции за поддршка на  стопанството?

-Во иднина треба да се фокусираме на зголемување на енергетската ефикасност, како и обезбедување доволни количини природен гас и јаглен. Мазутот би бил потребен ако, како во минатото, тој се користи во ТЕЦ Неготино за производство на електрична енергија. Но, со оглед на сегашните цени на суровата нафта и цените на електричната енергија на берзите за следната година, се чини дека оваа зима ТЕЦ Неготино нема да работи затоа што производната цена на електричната енергија добиена од мазут во ТЕЦ Неготино е за околу 50% повисока од очекуваните цени во текот на следната зима.

Не очекувам дека во блиска иднина ќе има потреба од буџетски интервенции за поддршка на стопанството и домаќинствата. Напротив, ќе треба да почнеме (постепено) да го враќаме „кредитот“ што Буџетот ни го даде во последниве година до две.

К.В.С.

Слични содржини