Таравари радикално ја менува сликата на политичката сцена: Што стои позади неговата одлука да „трча“ со ЕСП на изборите?

од Nikola Popovski
770 прегледи

Куршум пред врата и напад на член на партијата, ова е досегашниот епилог од раздорот во Алијанса за Албанците, откако лидерот Арбен Таравари претпочита неговата партија да оди на следните избори заедно со Европскиот сојуз за промени и здружената албанска опозиција. Контра Таравари застана бившиот претседател на партијата, Зијадин Села со дел од министрите и пратениците во Собранието. Коалицискиот партнер на Алијансата, СДСМ, се надева на брзо решавање на внатрешните проблеми во партијата со која дели министерски места.

Што би значела ваквата најава на Таравари за т.н. Европски фронт?

Во следните денови треба да се одржи седница на партиското собрание по што би било појасно во кој правец ќе оди Алијансата на следните избори, самостојно или во коалиција, па дури и дали актуелниот претседател ќе биде сменет од челната функција. Дел од партиите реагираат дека АА е самостоен политички субјект и нивните недоразбирања треба да си ги решат меѓу нив. Со таков став е и лидерката на ЛДП, Моника Зајкова. Како што вели во разговор за „Локално“, за граѓаните и државата е важно партиските недоразбирања да не се одразат на напредокот и патот на државата.

 

Моника Зајкова

Оценува дека не се работи за „поматување на сметките“ на Европскиот фронт, туку за правецот на државата.

-Овие избори не се ни за Таравари, ни за Моника туку за тоа кој пат ќе го трасира државата. Дали ќе работиме на агенда што значи брз спој со возот на Европската Унија или ќе избереме изолација и повторно изгубени години. Јас знам дека има структури што не им одговора Македонија да оди напред, но јас лично сакам да ја видам Македонија прогресивна рамо до рамо со државите од Европа, додава Зајкова.

Вели дека не сака да прејудицира или погодува кои се побудите и мотивите за поделбата во АА, но истакнува „знам дека оној кој решава кој ќе биде на власт е народот, а не партиите“.

За други ваквиот расплет на настаните е очекуван затоа што АА долги години го гради имиџот на опозициска партија, спротивставена на ДУИ по прашања за корупцијата, организиран криминал и имаа дури предлози Уставот да се менува, да нема право на застарување на кривичните дела поврзани со корупција и организиран криминал. Генералниот секретар на ДС, Зоран Димитровски во разговор за „Локално“ вели дека беше многу чудно што АА влезе во Владата, иако се подразбира дека поентата беше да влезат во т.н. Европски фронт, за промени на Уставот и да се почнат преговори со ЕУ.

Зоран Димитровски

-Сепак кога видоа дека од тоа нема ништо, логично е АА да оди во опозиција за да биде доследна на политиките за кои се залагала претходно. Таа партија во минатото произлезе од ДПА на времето и беше опозициска. Затоа нелогично е да бидат со ДУИ, оценува тој.

За расколот во партијата, Димитровски смета дека е камуфлажа Села и екипата да сакаат да одат со ДУИ и со СДСМ на избори.

-Има таму работи кои што се договорени, на пример Села на наредните локални избори да биде кандидат за градоначалник на Струга и ДУИ да го поддржи, но со ова сега се прави манипулација дека Села инсистира партијата сама да настапи на избори. Ако партијата настапи сама на избори, со вакви два фронта на сцената, тогаш тоа е крах на партијата и прашање е дали ќе освојат еден до два пратеници. Од тие причини е сосема лудо да се оди сам на избори. Таравари е лидер и има поддршка во партијата, но евентуално може да дојде само до поделба на раководството, бидејќи гласачите и членството на АА се опозициски гласачи и тие секако ќе го поддржат него, дециден е Димитровски.

Во однос на тоа дали може македонскиот партнер на опозицискиот албански блок во новата влада да ги исполни апетите на Таравари, Меџити, Касами и Гаши, соговорникот оценува дека се повторува приказната од времето на претходните избори и т.н. Тиранска платформа, со оглед дека опозициските партии плус Таравари беа на средба кај Курти.

-Постои одредена загриженост и кај гласачите на македонските партии, да не се договараат за одредени понатамошни барања на некаква политичка албанска кауза. БЕСА говореше за федерализација, имаат отворено барање за албанскиот јазик во Уставот итн. Европскиот сојуз за промени ќе ја насочи својата кампања против ДУИ, што би било добро за државата партијата да оди во опозиција, но секако ќе се грижат и за албанските етнички интереси. Малку потешко ќе се менаџира таа коалиција за да се задоволат сите апетити на четирите партии. Се надевам дека ќе има некаков компромис затоа што основата е да се симне ДУИ од власт, заклучува Димитровски.

Ардиан Демири од Демократското движење сметаат дека Таравари ги помеша сметките на Европскиот фронти.

-Сега со ваквиот потег, Таравари одлучува да се приклучи кон опозицискиот блок, иако до крај се надеваа на поинаков исход. Моментално Таравари оди натаму каде што припаѓа. Ќе има нови комбинаторики меѓу ДУИ и СДСМ и ваквиот потег ги менува консталациите на силите во двата блока, посебно на идеите за заеднички листи и заеднички претседателски кандидат. Радикално ќе се промени сликата и приликите, објаснува Демири за „Локално“.

Ардијан Демири

Тврди дека е сосема природно да се симне ДУИ од власт, после сите овие години поминати на криминален начин.

-Ништо не е ова специјално дека се прави против ДУИ, туку е природна ситуација која што времето си го носи. И да не сакате, нешто да се случи, такви се општите законитости. Ништо не е против некого или за некого. ДУИ е против самата себеси со сите нејзини постапки, особено последните 7 години откако е на власт на СДСМ, кој што покажува ароганција и корумпираност и неодговорност. СДСМ нема сила да ја запре ваквата ситуација на ДУИ, оценува соговорникот.

Во 2016 годиина имавме заробена држава, додава Демири, која што се ослободи до еден степен, но остана заробеноста на државата со останувањето на ДУИ на власт.

-Треба сите да се стават на еден посебен режим на пост-дуизација на општеството, откако ДУИ ќе биде симнат од власт на наредните избори. Мислам дека принципите и апетите на сите политички фактори е да се изградат стабилни и одговорни институции, да се среди судството кое што е целосно под контрола на ДУИ. Тука треба да се стави акцентот на следното владеење и да почне државата да функционира нормално, бара членот на партијата на Изет Меџити.

Н.П.

Слични содржини