Таравари влегува во трката за „Вила Водно“: Дали лидерот на Алијанса е прифатлив за македонскиот гласач?

од Nikola Popovski

Полека еден по еден почнаа да се објавуваат кандидатите на партииите за претседателските избори. Во Гостивар падна договор, лидерот на АА, Арбен Таравари да биде кандидат на здружената албанска опозиција. Сепак, сè уште се калкулира со имињата на фаворитите со кои на претстојните претседателски избори ќе настапат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а се поизвесно и ДУИ ќе излезе со свој кандидат.

Таравари најави дека е дојдено време Албанец да биде претседател на државата, но по вистински пат, а не како технички избор. Тој дури и се спореди со поранешниот американски претседател Барак Обама. -Ако во САД може еден човек со црна боја на кожа да биде претседател (Барак Обама), зошто тогаш и во Македонија, Албанец да не биде, посочи градоначалникот на Гостивар.

Дали Таравари може да биде „македонскиот Обама“?

Според дел од експертите, граѓаните се тие кои ќе одлучат на изборите. -Неодамна коментирав дека е смешно што партиите толку многу му ја мислат за избор на кандидати, кога е јасно оти во Македонија на гласачите поважна им е партијата или политичкиот блок којшто стои зад кандидатот, отколку неговата личност, вели во разговор за „Локално“ уредничката на „Агенда 35“ и една од коосновачките на „Солуција“, Катарина Синадиновска. Истакнува дека кај претседателските избори влијае и индивидуата, но сепак тоа влијание е минимално.

Катарина Синадиновска

-Ако е прашањето дали може да добиеме и дали сме подготвени за претседател кој би бил Албанец – зошто да не!? Мислам дека таа тема е целосен дефокус од вистински важното прашање – дали сме подготвени да инсистираме на претседател/ка со интегритет, со визија, со политички квалитети кои би значеле адресирање на проблемите на граѓаните од позиција на вистински лидер, макар било тоа по цена на конфликт со партијата или партиите што го поддржале. Проблемите на граѓаните, кои во суштина речиси сите се производ на корупција и партизација, се еднакви и за двата етникума, па целосно е небитно каква „крв“ има претседателот, ако во неа ја нема жедта за воспоставување на функционален систем и институции и битка за јавниот интерес од позиција на шеф на државата, посочува Синадиновска.

Соговорничката не смета дека Таравари се мислеше или двоумеше толку за кандидатурата за претседател, колку за понатамошните чекори од аспект на тоа дали ќе се приклучи кон опозицискиот блок или не. Според неа, во моментот на одлуката на лидерот на АА да повика припојување со опозицијата, „мислам дека веќе беше јасно оти тој ќе биде претседателскиот кандидат на опозицискиот блок, и покрај изјавите во јавноста“.

Оценувајќи дали може да се случи ВМРО-ДПМНЕ да поддржи албански кандидат за претседател, коосновачката на Солуција не верува во такво нешто.

-ВМРО – ДПМНЕ на овие избори се претставува како сериозен фаворит, а за волја на вистината и анкетите им даваат право за тоа, па би било прилично поразително за нив да не извадат свој кандидат од таа позиција на најверојатен победник, порачува Синадиновска.

Децидна е дека гласачкото тело на ВМРО-ДМПНЕ не би гласало за кој било човек за кого нема да добијат насока од партискиот врв, така што, како што вели, нема опасност спонтано да поддржат друг „туѓ“ кандидат.

Селим Ибраими

Од друга страна, дел од аналитичарите сметаат дека Таравари ги има сите професионални капацитети и искуство да трча на изборите и со голема веројатност за победа. Според Селим Ибраими од Институтот за безбедносни студии и развој „ИССД-Македонија“, лидерот на Алијанса е најмладиот мајстор на албанската политика на Балканот кој ужива почит и углед на Балканот и во меѓународните кругови.

-Последните случувања покажуваат како таа е обединувачка и може да ги обедини сите страни, вклучително и македонскиот народ. Во контекст на македонската партија, сметам дека лик како Таравари е прифатлив дури и за македонскиот гласач, а тој треба да биде поддржан од македонската партија, вели Ибраими во кратка изјава за „Локално“.

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, укажува тој, постои ризик ако отворено се поддржи, но за Македонија сега е време за албански претседател за двата народа и што поскоро да се интегрира во ЕУ.

Досега кандидатура за учество на претседателските избори на 24 април објави само Левица и тоа со името на професорката Билјана Ванковска. ВМРО-ДПМНЕ својот кандидат ќе го избере на партискиот конгрес на 2 март, а претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски изјави дека кандидатите веќе се намалени на три имиња. Постапка за кандидирање е во тек и во владеачката СДСМ, а актуелниот претседател Стево Пендаровски најави дека во рок од десет дена ќе соопшти дали ќе се кандидира за втор мандат. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски вчера истакна дека партијата ќе оди со свој кандидат.

Н.П.

Слични содржини