Таткото ја силувал, мајката ја терала да се проституира па ја продале на Косово

од Берта Китинска

По спроведена истражна постапка предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против три лица.

Спроред дејствијата опишани во четири точки во обвинението, првообвинетиот сторил две кривични дела родосквернавење и трговија со дете, второобвинетата сторила продолжено кривично дело трговија со дете, а третообвинетиот сторил кривични дела трговија со дете и силување.

„Во временски период од четири години, првообвинетиот искористувајќи ист траен однос и исти ситиуации, во семејната куќа секојдневно вршел обљуба врз неговата малолетна ќерка. Во текот на месец март 2018 година злоупотребувајќи ја својата положба како татко, на интернет нашол маж од Косово и го продал девојчето заради склучување присилен брак. По два месеца девојчето дошло на гости кај нејзините родители, а првоосомничениот не ја вратил назад во Косово со оправдување дека било многу далеку и продолжил да врши обљуба врз неа. Во декември 2018 година девојчето заедно со еден од нејзините браќа и второобвинетата – нивната мајка, избегале од семејната куќа и се упатиле во куќата на третоосомничениот.

Второобвинетата во тригодишен временски период искористила ист траен однос и исти услови и злоупотребувајќи ја својата положба како мајка на девојчето, со сила го подвела да врши полови дејствија за паричен надомест со третообвинетиот. Таа откако го запознала третообвинетиот со својата малолетна ќерка, употребувајќи физичка сила ја носела во неговата куќа и за паричен надомест од по 2.000 денари, а понекогаш и од по 500 денари му овозможила да врши полови дејствија со нејзината ќерка.

Третообвинетиот, искористувајќи исти услови, за паричен надомест во тригодишен временски период во својата куќа користел сексуални услуги од дете кое не наполнило 14 години. Истиот во текот на декември 2018 година, со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападне врз неговиот живот, извршил и друго полово дејствие врз малолетниот брат на девојчето“, се наведува во соопштението на обвинителството.

Во него се наведува и дека за кривичните дела што им се ставаат на товар запретени се високи казни затвор во траење од најмалку десет, односно 12 години.

Предметниот обвинител му предложил на судот да ја продолжи мерката притвор спрема обвинетите, при што како клучен фактор при одлуката за продолжување на мерката притвор ќе треба да ги има предвид начинот и мотивот на извршување на кривичните дела, односно дека истите се сторени со директна умисла од страна на обвинетите, како и околноста што предметните кривични дела директно го кршат Протоколот кон Конвенцијата за правата на детото што се однесува на трговија со деца, детска проституција и детска порнографија.​

Слични содржини